Почетна Коментар Слово за просечните
Слово за просечните

Слово за просечните

4.48K
0

Една од највозвишените работи на Литургијата е моментот на словото … Особено кога словото е изговорено од Архиерејот, оној кој го носи крстот на себе и со себе. Кај владиците, чие слово е воскресение на надеж, луѓе патуваат и стотици километри за да се радуваат на љубовта и на словотот. Тие на тие архијереи гледаат како на Отци, како на Старци, како на Божји пратеници.

Кај владиците, кои крстот го носат пред и над се како обележје на нивниот црковен чин, словото е популистички памфлет, митингашки безвреден вез на незборови. Таму кај тие владици на литургиите секогаш има повеќе сослужители, отколку слушачи на Словото. Луѓето тие владици ги нарекуваат Господин … Високопресвештени … Преосвештени, за да ја доловат нивната големина на чинот, како замена за недостатокот на мудрост и да го заменат словото со суетата …

За оние првите владици, луѓето раскажуваат за нивното слово. За оние вторите владици, луѓето прераскажуваат. На првите не им е потребна говорница и мегафон, бидејќи луѓето се тука, околу нив на литургиите. На оние вторите им се потребни и медиуми и прераскажувачи за да нивниот популистички памфлет биде разнесен како леток во раното утро пред гласање, бидејќи црквите им се празни.

И затоа вниманието на оваа анализа е посветена на летоците со кои се сака манипулацијата да се претвори во „все и всја“.

ЗОШТО СРПСКИОТ ПАТРИЈАРХ ГО СПОМНУВА АРХИЕПИСКОПОТ САМО КАКО ОХРИДСКИ?

Кога еден Архијереј, ќе напише дека Ете, МПЦ-ОА доби целосна автокефалност, без никакви услови и пазарења, без никакви притисоци, отстапки и скриени затезни камати, кои треба да дојдат на наплата во поблиска или подалечна иднина …, треба внимателно да му се одговори, односно збор по збор, бидејќи е јасно дека се базични проблемите во разбирањето на суштината. Во текстот од Томосот на СПЦ, пишува дека прашањето за своето официјално име (името на МПЦ-ОА, самата МПЦ-ОА) да го реши во непосреден братски дијалог со гркојазичните и останатите помесни Православни цркви.“ А пишува и дека „Патријархот српски официјално и јавно ќе ја соопшти горната соборска одлука, ќе го потпише соодветниот Томос и ќе го достави на сите сестрински автокефални Цркви на усвојување. Бидејќи Српската Православна Црква не е единствен фактор за автокефалноста, туку тоа е полнотата на Православната Црква, за што е потребна и рецепција (прифаќање (заб. на прев.)) од страна на другите Православни Цркви.“. Согласно текстот на Томосот на СПЦ, прашање број 1. Дали МПЦ-ОА доби целосна автокефалност? Одговорот е НЕ!, бидејќи самата СПЦ кажува дека ова не е целосна автокефалност. Патријархот српски Порфириј го потпиша Томосот и го достави на сите сестрински автокефални Цркви на усвојување (како што е напишано во Томосот). Од сестринските цркви, Томосот го усвои Бугарската патријаршија, Руската патријаршија и делумно Романската Патријаршија, која забележа дека ќе го чека и официјалниот Томос од Вселенската патријаршија. Останатите сестрински православни цркви се изјаснија, дека не го прифаќаат тој Томос, а ја прифаќаат одлуката на Вселенската патријаршија за сослужување. Прашање број 1 по втор пат: Дали МПЦ-ОА доби целосна автокефалност? Одговорот согласно текстот на Томосот – „Бидејќи Српската Православна Црква не е единствен фактор за автокефалноста, туку тоа е полнотата на Православната Црква, за што е потребна и рецепција (прифаќање (заб. на прев.)) од страна на другите Православни Цркви.“ е повторно НЕ! Што значи Томосот, кој иако е за автокефалност, практично не значи и автокефалност. СПЦ сама констатира дека нејзиниот Томос нема значење за полноправна автокефалност.

Прашање број 2: Дали автокефалноста од СПЦ без никакви услови и пазарења, без никакви притисоци, отстапки и скриени затезни камати, кои треба да дојдат на наплата во поблиска или подалечна иднина …“?, одговорот е НЕ и тој одговор повторно произлегува од текстот на самиот Томос. Таму пишува: „прашањето за своето официјално име (името на МПЦ-ОА, самата МПЦ-ОА) да го реши во непосреден братски дијалог со гркојазичните и останатите помесни Православни цркви.“ Не само што има услови, туку има и пазарења, а богами и сериозни притисоци и можни отстапки се потребни, и тоа со многу високи затезни камати, кои ќе дојдат за наплата и во поблиска и во подалечна иднина, бидејќи ваквата формулација во Томосот на СПЦ означува целосно, а не делумно оспорување на името на МПЦ-ОА, иако тој Томос самата СПЦ го именува како Томос за автокефалност на МПЦ-ОА. Просто кажано не е спорно само придавката „македонска“ во името, туку и „охридска“.

Понатаму, кога еден архијереј ќе почне митингашки да се расфрла со терминологии за тоа кој како ќе ја обезличи МПЦ-ОА, како црква ваква, од таму или од онаму, се само не „македонска“ треба да му се одговори внимателно, затоа што базичната основа на која ја поставува проблематиката му е трула штица.

Од четирите помесни цркви кои во своите диптиси го впишаа Архиепископот Стефан и кои го спомнуваат на лиругиите сите четири му дадоа различни титули, а на црквата различни имиња. Српскиот патријарх Порфириј во литургиите Стефан го споменува само како Охридски, без македонски. Бугарскиот Неофит го споменува како „„Архиепископ Северномакедонски“. Романскиот Данаил пак го споменува Стефан како „Охридски и Скопски и на Северна Македонија“. Поради сомнежот дека се ова до овде е разбрано, чинам дека е дополнително потребно да се потсети и на писмото од Иринеј Буловиќ (еден од архереите на СПЦ со разумните братски постапки, што би забележал Архиерејот) напишано за грчката јавност непосредно по издавањето на Томсот и на фанфари дочеканата вест дека е извојувана битката за името Македонска црква. Подетално меѓу другото еве што пишува Буловиќ:

„Следствено, што се однесува до конкретнава тема со името, ниту го воведува, ниту настојува на употребата на името „Македонска Православна Црква“, или на името „Охридска Архиепископија и на Северна Македонија“, или на некое друго слично име, но ниту е во положба да им ја забрани неговата употреба на оние кои сè уште го носат истото. Темата се смета за отворена, а треба одговорно да биде решена преку непосреден и со добра волја братски дијалог помеѓу гркојазичните братски Цркви и Црквата на соседната земја, без вмешување и интервенција на другите помесни Цркви. Во одлуката на Свештениот Синод на Јерархијата на Српската Православна Црква за тоа, донесена на 16-ти изминатиов месец, недвосмислено пишува, меѓу другото, дека „се препорача …, прашањето со нејзиното официјално именување“ да биде решено „со непосреден братски дијалог меѓу гркојазичните и останатите помесни Православни Цркви“. Не постои документ или официјален текст на нашата Црква, во кој не се соочува одговорно и со должно внимание со оваа тема. Значајно е да се спомне дека многумина денес се незадоволни поради дискутабилното име, не само во Грција, ами и во Србија, каде што сè уште живее споменот за стара Јужна Србија, како и во самата Северна Македонија, каде што не се малцина оние на кои им пречи составната придавка ’северен‘. Значи, неправедно е обвинувана Српската Православна Црква „за користењето на називот Македонска Православна Црква, даден од Црквата на Србија на Црквата на Охрид“. Нашата Црква официјално не го употребува тој назив. Со докази разјаснивме кога, како и зошто, благовремено и помирително беше употребен овој назив, како единствен официјално постоечки. Прашањето на името, од српска црковна гледна точка, лежи во дијалогот и во споразумението помеѓу гркојазичните Цркви – и тоа најпрвин Црквата на Грција – со „Црквата на Охрид“, имајќи предвид, згора на тоа, дека и името „Охридска Архиепископија“ е дискутабилно, дури и оспорувано од не малку црковни кругови во и вон Грција, објаснива Буловиќ во писмото.“. На паметните и повеќе од доволно.

ПО КОЈ КАНОН Е НАПИШАН И ИЗДАДЕН ТОМОСОТ ОД СПЦ, ВАШЕ ВИСОКОПРЕОСВЕШТЕНСТВО?

Кога еден владика ќе напише „Втората работа, која сакаат да ни ја протнат на мала врата, е дека Македонската православна црква-Охридска архиепископија нема целосна, туку делумна автокефалност, бидејќи единствено Цариград давал целосна автокефалија и осамостојување. Е, ова е апсолутно неточно, бидејќи нема никакви канонски основи. Еве, нека ми докажат со канон дека не сум во право. Цариград нема право да одлучува од името на сите помесни цркви, туку одговара единствено за својот Диптих на црквите што таа ги смета за автокефални.“, треба навистина внимателно да му се одговори, бидејќи ова вака срочено е база на спознавање на нештата за пред кооперација. Затоа сосема доволно за основно стекнување на знаење е да се прочита делото на владиката Григориј, „Украинската и македонската црква – Камен на сопнување во Православието“, каде прилично историски точно и јасно е наведено што и како значи впишувањето во Диптихот на Цариградската патријаршија. Има таму цитирано и канони и општо прифатени пракси засновани на повеќе канони. Но, во меѓувреме еве едно контра прашање: По кој Канон е напишан и издаден Томосот од СПЦ, Ваше Високопреосвештенство?

Дополнително заради суштината само едно појаснување на памфлетите ставови на владиката. Кој и како доделува автокефалност е отворено прашање во православието повеќе од 90 години. Двете цркви, Цариград и Москва, иницираа интерправославен дијалог и чудно ама таму членуваат само оние цркви кои имаат Томос, или се запишани во диптихот на Вселенската патријаршија. Има една црква на пример што за РПЦ е автокефална во Америка, ама не е дел од Соборот на автокефални цркви. Е таа интерправославна конференција во Шамбези успеа, по децении дијалог, да дојде до една реченица консензуална, но не и да ја потврди како конечно решение. Тој заклучок од 2009 година на сите автокефални цркви гласи: „Изразувајќи ја согласноста на мајката-црква и сеправославната согласност, вселенскиот патријарх официјално ја прогласува автокефалијата на црквата со издавање Томос. Овој Томос го потпишува вселенскиот патријарх, а за тоа преку своите потписи му сосведочуваат и поглаварите на најсветите православни цркви, коишто за тоа се поканети од вселенскиот патријарх)“. Драг владико и овде во овој заклучок пишува дека Томосот го издава Вселенскиот патријарх. Зошто ти би го спорел ова за својата црква, ако ова на пример не го спори ниту една црква. Значи овој заклучок од 2009 не му дава ново право на Вселенскиот патријарх, туку му го легитимира историското право што и до сега го имал – да го издава Томосот за автокефална црква. Во Шамбези за ова право на Вселенскиот патријарх не се дебатирало, туку се дебатирало како да се дојде до консензус за да не се злоупотребува ова право. Тој консензус го гарантира согласноста од Мајката Црква, еве МПЦ-ОА ја има. Но види, кога некој ќе го злоупотребува своето друго право и 55 години ќе ја држи една црква во канонска излоација од политички и шовинистички причини, за што и владиката едно време беше согласен, тогаш секој потег што води кон целта за таа црква е легитимен. Но да дообјасниме. Значи уште еднаш внимателно. МПЦ-ОА по оваа одлика од Шамбези има се, само нема Томос за автокефалност. Ја има согласноста од мајката црква, го има сослужувањето со сите цркви, но го нема Томосот, што значи и по ова таа е само делумно автокефална црква.

Во овој дел и за досетливата констатација на владиката дека „Ние како МПЦ-ОА сослужуваме со сите помесни цркви, но не сме впишани во Диптихот на Цариград, а новопризнаената Украинска црква е впишана во Диптихот на Цариград, но не сослужува со сите, па кој во моментов е поавтокефален, ние или тие? Како на ова гледаат „старците“ и „експертите“? Еве, заслужуваме поука ние незнајковците.“ Многу едноставно. МПЦ-ОА денес сослужува со сите поради одлуката на Вселенската патријаршија од 9 мај да ја врати во канонско единство. Вистинското прашање е дали ако не постоеше намерата на Вселенската патријаршија за решение на ова прашање, денес владиката ќе мавташе со Томосот од СПЦ? Вистинското прашање е дали и колку и кои од архиереите на МПЦ-ОА, сослужуваат и можат да сослужуваат со сите помесни православни цркви, бидејќи теоријата е едно, а праксата е сосема друго. За жал на некои владици нивниот простор на движење за сослужување е во правец север до 200 километри од граничната линија. Всушност, највистинското прашање е зошто СПЦ одлучи да оди на автокефалност сега, а не пред неколку години на пример? Или можеби прашањето зошто баш сега се редат руски владици во Македонија, а не пред тоа? Последен пат Иларион Алфеев беше да го вади Јован од затвор и да го носи во Москва за да почнеле преговорите со СПЦ, па не почнаа цели 7 години, односно сè додека Вселенската патријаршија не соопшти дека на дневен ред ја ставила апелацијата за МПЦ. Кој им пречеше тогаш на руските владици да сослужуваат со МПЦ?

А, за тоа зошто Православната црква на Украина не е целосно автокефална, одговорот владиката нека го побара токму во она што се нарекува руско влијание, кое денес се манифестира со закани и уцени од црковна Москва врз сите оние кои ќе се охрабрат да ја прифатат украинската автокефалност. Четири цркви веќе ја прифатија, а неколку веќе сослужувале со архијереи од оваа црква. Но за ова исто така има многу добри работи во писанието од владиката Григориј. Но еве едно контра прашање? Бугарската егзархија автокефална ли е до 1945 година, иако со години пред тоа сослужува со Руската црква? Ако е автокефална, зошто пишува покајничко писмо за да добие Томос од Цариград?

АКО ВИ Е МИЛ ДОСТОЕВСКИ, НЕ МОЖЕ ДА НЕ ВИ БИДЕ МИЛ НАВАЛНИ

Кога еден владика ќе напише „(…)Не фаќаме страна, не паѓаме на нивните евтини пропагандни трикови, па јавно да го забраниме Рахманинов, Чајковски и Достоевски, а истовремено со Русија да тргуваме со ураниум и ретки метали што треба да ги наполнат и оформат нивните разорни „демократски“ бомби. (…), треба внимателно да му се одговори за да разбере дека токму ова е заземање страна и евтин политичко-популистички памфлет за пропаганда што го користи руската агресивна црковно-државна политика. На владиката треба внимателно да му се објасни дека сите ние денес овие и некои други умови на Русија, ги читаме, ги воспеваме и ги славиме и не ги забрануваме, меѓу другото токму и поради тоа што тие биле жртви на руските режими како нивни критичари, а не затоа што им се восхитувале на своите властодршци. На пример Толстој, што не е спомнат, руската црква го екскомуницирала, го прогласила за еретик. За Достоевски и Солженицин, веројатно не би требало да трошиме зборови за објаснување, особено не на некој, кој вели дека ужива во нивните дела, бидејќи е логично прво да ја знае нивната биографија. Сите тие ликови од историјата на Русија се она што денес е Навални во Русија, ама кој тоа да го разбере.

На владиката треба внимателно да му се посочи дека зафатил руска страна, токму поради тоа што се обидува да ја изедначи крвавата судбина на Украинците со „флоскулата војуваат два православни народи“, затоа што таму не војуваат два православни народи, туку војува рускиот криминоген систем, поддржан од Високиот клир на црквата, со суверена самостојна држава, чиј народ има легитимно демократско право да ја избере својата политичка иднина и својата црковна иднина. На владиката треба внимателно да му се објасни дека зазел руска страна, затоа што молчи за антихристијанските постапки на Рускиот Патријарх Кирил, кој на литургиите проповеда дека „вечен живот ќе има оној, кој ќе загине за Русија“. Молчи и на одлуката Кирил да ја ревидира светата евхаристија и молитвите за мир да ги исфрли од литургијата. Владиката зазел проруска страна и поради тоа што молчи и така ги одобрува сите неканонски и антихристијански постапки на Рускиот патријарх.

Има тука уште многу помали, или поголеми темички, нафрлани со цел популизмот што поефективно да предизвика страсти кај луѓето. Меѓу нив еве на пример внимание ќе посветиме на полувстинитите и спинувачки тези за четирите древни патријаршии. Кога владика ќе праша, „Зошто се поставуваат поглавари исклучиво по потекло Грци во Цариград, Ерусалим, Александрија и Антиохија? Што, помалку ли се вредни православните Арапи, кои повеќе од две третини ги чинат православните заедници во тамошните цркви?“, треба внимателно да му се одговори затоа што тој намерно, или од незнаење спинува, манипулира и поттикнува омраза кон четирите древни патријаршии. Тоа што во историските контекст на овие престоли стоеле Грци, не значи дека и денес и во иднина ќе биде така, затоа што таа пракса веќе одамна се менува, а се менува токму поради успешната мисија на христијанизација, некаде повеќе некаде помалку.

На пример добро би било владиката да знае дека актуелниот Патријарх на Антиохија, Јован се вика Хани Јазиџи. Роден е во Сирија и е арапски христијанин. Татко му е Сириец, а мајка му Либанка. Неговиот претходник (1979-2012), Игнатиј се вика, Хабиб Хазим. Арап, роден во Сирија. Елијас Муав Вад, е вистинското име на Патријархот Елиас, девет години на претсолот во Антиохиоја од 1970 до 1979 година. Роден во Либан, христијански Либанец. Теодосиј, кој е патријарх на Антиохоја пред него од 1958 година е со световно име Абу Рајлех. Роден во Либан на планината Либан. Подоцна се сели во Сирија. Александар, Патријарх од 1931 до 1958 година е Сириец, роден во Дамаск. Григориј, кој е патријарх на Антиохија од 1906 до 1931 се вика Гантус Хадад, Арап, роден во Либан. Мелетиј II, е со световно име Ал-Думани од Антиохија. Патријарх е од 1899 до 1906. Роден во Сирија, исто Арап и е првиот Арапин што седнува на престолот на Антиохија, откако претходно 168 години патријарси се Грци.

Во Александриската патријаршија, која е една од црквите со најголем успех во мисионерството и христијанизацијата на африканскиот свет денес има неколку владици Африканци. И секако дека еден од нив е многу сериозен претендент и за следен патријарх, но прашање на време е кога на тој Трон нема да биде Грк. За Ерусалим е излишно да се зборува зошто се на тронот Грци, освен ако не очекува владиката дека на тој Трон би седнал некој Евреин. Цариград секако е посебна приказна.

Кога владика преку својот текст, свесно, манипулативно и крајни неодговорно ќе спинува тези, ќе воведува политикантство и ќе споредува баби и жаби, особено кога во еден дел суптилно ќе навестува поделби, повикувајќи се на народ, а напаѓајќи и омаловажувајќи свои собраќа во Црквата, именувајќи како старци во наводници, тогаш прашањето кое сериозно треба да се постави пред Архиепископот и Синодот е дали го одобриле и вовеле принципот на инквизиција во својата црква? Инквизиција што се заговара како решение за слободата на мислење и изнесување свои ставови, а кои не му се допаѓаат на архиерејот демоагок. Ако не го вовеле, тогаш редно е да го осудат и да се дистанцираат од клеветничкиот стил што Архиерејот го наметнива, затоа што и неговото право на слобода на говор и мислење е легитимно, но не е оправдано кога квалификува и осудува други.

На опасната теза за поделби, што Архиерејот ја заговара, ако еден ден МПЦ-ОА добие Томос од Цариград, треба да му се одговори внимателно со посочување дека во таа приказна ќе остане сам, бидејќи тие што сега го туркаат, а се повикуваат и на нардо, утре ќе се повлечат први. Впрочем може да го праша неговиот претходник од епархијата во која сега властува.

За идентитетските етикетирања, со кои се расфрла, може да си ги лепи на своите. Човек што своите идентитетски корени си ги барал во северен Пакистан, нема право да зборува за другите идентитетски карактеристики.

Пишува: Марјан Николовски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *