Почетна Вести Европа Патријарх Кирил: Дури и царевите не биле толку православни како нашиот претседател
Патријарх Кирил:  Дури и царевите не биле толку православни како нашиот претседател

Патријарх Кирил: Дури и царевите не биле толку православни како нашиот претседател

392
5

Московскиот Патријарх Кирил  произнесе пофално слово за претседателот Владимир Путин како пример за православен владетел, какви што не биле дури и многу од руските цареви. Тоа се случи за време на свечениот прием, посветен на 14 годишнината од интронизацијата на Патријархот.

„Тој е православен, но не за да спечали некаква си популарност, не за да гласаат за него, туку вистински православен човек, кој ги прима светите Христови Тајни, кој го живее животот на Црквата. Всушност, на чело на руската држава стои православен христијанин. Царевите не секогаш биле толку православни, како што е нашиот претседател сега“, изјави Патријархот.

Патријархот Кирил ги нарече уникатни и неповторливи односите помеѓу Руската црква и државата во наши дни: „Навистина сме развиле уникатна форма на црковно – државни односи. Треба да му благодариме на Господа за тој историски пат по којшто сме тргнале и за таквиот систем на црквно – државни односи, кој се карактеризира со потполна согласност меѓу црквата и државата за најважните и одлучувачки прашања поврзани со животот на нашата земја и нашето општество“.

Путин од своја страна му се заблагодари на Патријархот Кирил за неговата работа, „особено меѓу руската младина, во која воспитува морални и патриотски идеали“.

Во својот говор, претстојателот на РПЦ ја лансираше една од главните точки за поддршка на Путин, која има за цел да го консолидира руското општество во сложената воена ситуација со нејасен исход. „Нас нè очекуваат тешки времиња“ – вели Патријархот Кирил – а нашата главна борба е борбата за нашата независност, вистинска целосна независност од влијанието на светските центри на политичка моќ што управуваат со поголемиот дел од светот. А Русија ќе остане остров на слободата, а нашата црква се насладува на таа слобода и самата го одредува својот правец“.

Зборовите на Патријархот Кирил звучат чудно за позадината на апсењата и прогоните против руските свештеници, кои се осмелуваат да зборуваат за неусогласивоста на војната со Христовото Евангелие.

„Симфонијата“ меѓу црквата и државата во Русија всушност е резултат на ставање на црквата во услуга на политиката на Кремљ. Поради соработката со „православниот претседател“, РПЦ ја искривува и менува смислата на Евангелието, свесно поддржувајќи ја идеологијата за уникатната улога на Русија и Путин за запирање на  силите на злото во светот.

На Руската црква ѝ е одредена важна идеолошка улога во привлекувањето и мотивирањето на младите мажи за фронтот во Украина, како и во намалувањето на јавната тензија поради многуте убиени и без трага исчезнати, како и поради драстичното опаѓање на животниот стандард, а и економскиот пад.

Поради одлуката на В. Путин пред речиси една година да ја нападне Украина, над сто илјади руски и украински мажи ги загубија животите и оставија десетици илјади скршени семејства, вдовици и сираци. Исто толку се и младите мажи осакатени за цел живот. Според официјалните податоци, во Украина се убиени речиси триесет илјади цивили – мажи, жени, деца и старци. Неколку милиони се бегалците од Украина, главно жени и деца, што значи повеќе од еден милион разделени семејства. Десетици илјади млади мажи ја имаат напуштено Русија, не сакајќи да бидат мобилизирани и испратени на фронтот во Украина – тоа означува повторно раздвоени семејства и множество лични трагедии.

Наспроти позадината на живата трагедија на милиони христијански семејства, московскиот патријарх тврди дека акциите на рускиот режим имаат за цел „заштита на традиционалните вредности и пред сè на христијанското семејство“ и затоа црквата ги поддржува. „Денес Руската црква е на првата линија во борбата за зачувување на христијанската вера и христијанските вредности против целиот свет кој отпаднал од верата“, изјави тој и му се заблагодари на Путин за „покажаната помош на црквата“.

Според пропагандата поддржана од Московската патријаршија, идејата за семејство е поважна од самото семејство и таа мора да биде зачувана, дури и по цена да се распаднат многу конкретни семејства. Сите тие се неизбежни жртви, а семејствата кои ги загубиле своите татковци и синови треба да се горди што нивните блиски биле убиени во името на таквата возвишена идеја.

Активната улога на Патријархот Кирил и Руската црква во оправдувањето на војната и давање статус на „свештена“ се покажува како еден од важните лостови на пропагандата во руското општество, а и кај некои православни надвор од Русија. Тие некритички му се доверуваат на овој црковен авторитет, заборавајќи на Христовите зборови: „Тешко му на оној човек преку кого доаѓа соблазната“ (Мт. 18,7).

/DVERI.BG

Коментар(5)

  1. Но соблазната доаѓа од Запад. Вашиот бугарски извор очигледно за врвна семејна вредност го смета телесниот опстанок и добробитие. Или се правите наудрени или токму на вашата пропаганда и’ одговара западниот концепт на семејството: таму телесното размножување (ладното менување партнери со расклопување на семејства со нови партнери, мешање деца од разни бракови, и тоа не заради некоја елементарна нужда, туку од сексуална и емоционална исцрпливост, љубопитност и променливост – е секојдневие! Пасторите на Западните христијански конфесии снисходливо ги отвараат прегратките на нивните евхаристиски заедници за хомосексуалците до можности за благословување на нивните бракови. Таму хомосексуалноста и педофилијата и во редовите на свештенството се премолчувани со векови. Таму ниедна тврда вистина не е добредојдена, до најбаналната… Ако сакаа преку тие нивни плодови да ја преиспитаат вистинитоста на своето исповедање на христијанската вера, ќе се откажеа од сите отровни искривувања што ги водат во толку мрачен духовен амбис. Но, не!!! Нивните дебели пари, виртуозноста на удобствата и ненадминливите телесни утехи станаа толку пријатни за светот, што тој со задоволство го прифаќа тоа несовладливо гесло: “Подобар е удобен живот во самоизмама од сеедно која борба за вистината или каков било подвиг да се стои во Вистината. Подобро е да се прифати сеедно какво иго од богатите, утешените, самопрестижните, моќните, технолошки суверените кои понекогаш можат нешто и да ви донираат итн. одошто да се војува за личното достоинство или за зачувување на образот Божји во себе и на Преданието на тврдата Вистина, нелажната Милост, пречистата Премудрост за идните поколенија.” А што да кажеме за образованието на најмладите? Во Калифорнија денес на пример на училиште секое дете може да си го избере себеси не само полот туку и биолошкиот идентитет. Затоа децата кои се декларираат себеси како мачиња или кучиња имаат поставено во училниците кутии со песок за нивниот измет и јавно се какаат во училниците. Каква милозливост, каков стил, каква слобода, зар не? Но, обидете се да се побуните против ова и ќе најдете дека за Вашата слобода место нема. Широка е палетата на последиците што произлегуваат од овој слободен и креативен концепт. Се надевам дека нема да ни го увезат и тука. Накарадната шареноликост на тој екстремно измамлив образовен систем е неподнослива за елементарното човечко чувство за ментално здрав амбиент за растење и развој. За фашизмот бесрамно негуван во Украина и да не зборуваме. Украинска бегалка во Македонија, учителка по занимање, раскажува дека последниве години подрумот на секое училиште, болница, јавна установа итн. во Украина е наполнет со оружје. Учениците организирано учествувале во неговото складирање. Периодот на украинскиот фашизам пред Втората светска војна доживеа ренесанса во последните години во Украина, канадски офицери ја тренираа украинската паравојска со посебни овластувања во секоја пора на општеството. Милитаризирано и максимално антируски инструирано општество во кое живеат огромен процент Руси и мешани семејства! Зарем нема еден здраворазумен владетел како актуелниот руски претседател да стори се’ за да ја заштити својата земја од сето тоа зло? Се разбира дека православниот владетел ќе стори се’ за да ги зачува здравите човечки вредности во својата земја (Руската Федерација меѓу другото беше и дом на безброј западни невладини организации кои вложувајќи енормни пари под познатото либерално руво ровареа кон разнебитување токму на традиционалниот руски православен дух, и против таа светска напаст секаде треба да се поведе војна, не само во Русија). А информациите за пропаѓање на руската економија или за значајно опаѓање на куповната моќ на рускиот човек се неточни. Денес кога на интернет можеме да видиме документарни емисии, написи, репортажи, анкети на автори од различни поднебја и со различни идеолошки ориентации, ваквите наемнички пропагандни гласила звучат траги-комично. Ако не знаете англиски, па и руски, та не можете да следите поверодостојни извори, проверете со некој кој знае пред да објавувате вакви небулози и да му служите на оној кого по дифолт како модератори на веб сајт со вакво име се очекува барем да го одбегнувате. Инаку, појдете поживејте малку на Запад, обидете се да се интегрирате во едно западно општество и застанете пред огледалото на слободата и демократијата – ќе го видите ли таму своето лице? Чие лице воопшто ќе видите?!

  2. Ангелина Кумбаровска,
    браво за констатацијата за украинскиот фашизам. Само заборавивте дека тој е производ на рускиот фашизам (експанзионизам,неоимперијализам). Очигледно, не е напуштена матеицата на Советскиот Сојуз.
    Не знам дали сте биле во Русија, но дел од неморалот што му го припишувате на Западот, го има и таму. Не до толку, но го има. Како што и на Запад има христијански и православен живот и многу поморал (да не го земаме како цел за нашиот христијански живот) отколку што има во Русија. На пример таму, дури и во една протестантска заедница ќе видиш повеќе вера во дела од љубов кон ближните, отколку во повеќе православни заедници на куп. Очигледно е дека или го суперлатизирате рускиот простор од незнаење, од премногу влијание и воодушевеност – што има простор да ја има, но не согледбено денес, или сте некоја страшно конфликтна личност. Па уште редите тралала информации за училишта полни оружје, веројатномод руски извори и треба да сте релевантен? Башка, и да е така – е не, ќе седеа со раширени раце и ќе ги чекаа руските војници да ги направат Источна Германија. Аман, ти се молам – зборуваш за земјата каде што изникна исто толку погубна револуција како Француската и се втемели советството? Или виновни беа клетите Евреи и Западот, како способните Руси тоа не го спречија? По принципот што го заговараш, утре ако оние смотанине Бугари ти објават војна, ќе ти објават по принципите на Путин за Украина: фашизам, немање историска подлошка за постоење , сосед како опасност… само нема да можат да спомнат НАТО аспирации.

  3. Браво, Кумбар, за коментарот! Чисто русопоклонски! Својствено за твојата манија.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *