Епископот Делчевско-каменички Марко служеше света Литургија во Александрија, Египет, со благослов на александрискиот патријарх Теодор II, кој лично присуствуваше на богослужбата. Посетата има и пошироко црковно значење, бидејќи на средбата патријархот Теодор испратил братски поздрави до архиепископот Стефан и изразил надеж дека во блиска иднина ќе се сретнат и заеднички ќе сослужуваат.
Литургијата беше отслужена во патријаршискиот манастир посветен на свети Сава Осветен, во 24-та недела по Педесетница. На крајот од богослужбата, патријархот Теодор го поздравил епископот Марко и групата верници кои патувале со него. Во своето обраќање побарал од македонскиот владика да му ги пренесе неговите искрени братски поздрави на архиепископот Охридски и Македонски Стефан, нагласувајќи дека тој е добредојден во Александриската патријаршија.
Теодор изразил и надеж дека наскоро ќе дојде до нивна лична средба и заедничко сослужување. Како знак на братска почит, на епископот Марко му подарил архиерејска панагија. Македонскиот владика му се заблагодарил за благословот да служи во Александрија и за можноста за заедничарење во Христа.
По Литургијата, гостите биле примени на послужување во манастирските простории. Епископот Марко и верниците го посетиле и храмот на Коптската патријаршија, каде што се чуваат дел од моштите на светиот апостол и евангелист Марко, кој според црковното предание бил првиот епископ на Александрија.
Посетата се случува во контекст на сложените односи во православниот свет по украинското црковно прашање. Александриската патријаршија ја призна Православната црква на Украина (ПЦУ), а патријархот Теодор во 2019 година го соопшти своето признавање на нејзиниот поглавар, митрополитот Епифаниј. Оваа одлука предизвика сериозни несогласувања со Московската патријаршија, која ја екскомуницираше Александриската патријаршија.
Спорд достапните информации ова е прво архиерејско служење на МПЦ-ОА во Александрија.




