Православните верници денеска, 21 септември, го празнуваат Рождеството на Пресвета Богородица, празник познат во народот како Мала Богородица.
Празникот го одбележува раѓањето на Пресвета Дева Марија, мајката на Исус Христос, од нејзините родители Јоаким и Ана. Според црковното предание, тие биле во поодминати години и долго време немале деца, поради што со молитва го барале Божјиот благослов за потомство.
Нивната молитва била услишена со раѓањето на Марија, која според православното учење станува Мајка Божја и онаа преку која во светот ќе дојде Христос.
Според преданието, Пресвета Богородица била родена во Назарет, а на тригодишна возраст била одведена во Ерусалимскиот храм, каде што останала до времето определено за нејзиното свршување со Јосиф.
Рождеството на Пресвета Богородица е еден од дванаесетте големи празници во православната црква и се смета за почеток на настаните кои водат кон Христовото воплотување.
Во црковните богослужбени текстови, празникот е поврзан со радоста поради раѓањето на онаа која ќе стане Мајка на Спасителот.
Мала Богородица се празнува на 21 септември, додека Успението на Пресвета Богородица, познато како Голема Богородица, се одбележува на 28 август.

