Епископот Делчевско-каменички Марко од Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија сослужуваше со епископот Андреј од Српската Православна Црква на Светата архиерејска Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Луцерн, Швајцарија.
Заедничката Литургија беше отслужена на 20 септември, во Неделата пред празникот Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст Господов. На Литургијата сослужуваа и свештенослужители од двете цркви.
Во храмот се собраа верници од повеќе краишта на Швајцарија, кои учествуваа во Светата Евхаристија и се причестија со Светите Христови Тајни.
По благослов на епископот Андреј, епископот Марко им се обрати на присутните со слово посветено на евангелскиот настан, верата и духовниот живот на православниот христијанин, како и на единството и љубовта меѓу православните верници.
Епископот Андреј во обраќањето до верниот народ го претстави епископот Марко и му се заблагодари за посетата и за заедничкото сослужување.

