Епископот Антаниски Партениј служел Литургија во древниот храм на светиот апостол Јаков (Chiesa di San Jacopo Soprarno) во Фиренца. Во молитвено сослужение на Партениј бил и старешината на храмот, архимандритот Николај Пападопулос, архиерејски намесник од Вселенската Патријаршија на Тоскана и Лигурија, како и Доситеј, Кирил, Анатолиј и Ефросиниј од Бигорскиот манастир.
На литургијата присуствувала и сестрите од Рајчица и Пречиста, коишто исто така се на поклонение во Италија.
-Навистина голем и неискажлив е молитвениот восхит да се служи Светата Литургија во храм во кој сводовите вековно ги паметат шепотите на поклониците и гласовите на ренесансните мајстори, а денес одекнуваат со пасхалното „Христос Воскресе!“ Среде таквата величественост – архитектура што сама по себе е ремек-дело на христијанската свештена уметност – несетно се разбира и посилно се чувствува тоа што Христовиот верен секогаш и насекаде го носи во своето срце: дека Домот Господов е секаде еден; дека единствена и иста е и Чашата на Животот што се воздигнува под овие сводови, како и под сводовите на нашиот возљубен Бигорски манастир; дека границите на стилот, на јазикот и на епохата се само украсен превез, а Литургијата ги пробива низ сите векови, како што ги пробива сите граници, јазици и нации: „Исус Христос е Ист и вчера и денес и во веки“ (Евр 13, 8). Токму тоа беше посведочено денеска во „Свети Јаков над Арно“, каде што евангелското слово и литургиските молитви се слушнаа на шест јазици, пред едниот народ Христов, собран од различни нации и држави, велат од Бигорски.
Храмот „Свети Апостол Јаков на Арно“, спаѓа меѓу најстарите богослужбени места во Фиренца. Романска трикорабна базилика по својот првобитен лик, неговото постоење е документирано уште од XI век. Од 2006 година, овој храм и е предаден на Православната архиепископија на Италија и Малта (под омофорот на Вселенската патријаршија).






