Криза на идентитетот: Дали правиме разлика меѓу празници како Велигден и Први Мај – или сè сведуваме на скара, алкохол и продолжен викенд?

Date:

Share post:

На хартија – различни празници. Во реалноста – исто сценарио. Скара. Алкохол. Музика. Уште еден „продолжен викенд“.

Тука не е проблемот во Први Мај. Проблемот е во нас.

Први Мај има своја историја – од Haymarket Affair до Russian Revolution – но денес таа тежина одамна е избледена. Остана само празна форма што механички ја повторуваме.

Но вистинската трагедија не е тука. Трагедијата е што и Велигден – централниот настан на Верата, победата над смртта, надежта на човекот – го сведуваме на истото ниво. На истата маса. На истиот облик.

Кога празници со сосема различна суштина почнуваат да се слават исто, тоа не е „модернизација“. Тоа е губење на смислата.

Православието го осветува и трудот, и одморот – но им дава место. Трудот не е бог. Одморот не е цел. Празникот не е бегство. Празникот е повик да застанеш – и да се сетиш кој си.

А ние токму тоа го заборавивме. Ги измешавме деновите, ги испразнивме симболите, ги сведовме празниците на навика. Живееме по календар, но без свест.

И најстрашното? Никому не му смета. Не му смета на човекот што го живее тоа. Не им смета на институциите што треба да го обликуваат општеството. И уште потешко – не се слуша јасен глас ни од Црквата.

Сите молчат пред оваа тивка трагедија. Трагедијата на губење на идентитетот. Зашто народ што не прави разлика меѓу Велигден и Први Мај – не губи само чувство за празник. Губи чувство за смисла.

А кога ќе се изгуби смислата, сè друго е прашање на време.

/А.Т

1 COMMENT

  1. Општествата каде што не доминира материјалниот критериум на развој модерниот аналитичар вообичаено ги смета за неразвиени и за назадни, за авторитарни, тоталитарни, фундаменталистички модели итн.
    Повеќето нации се одлучуваат за балансот меѓу “јарето” и “парите”; материјално најпросперитетните, “најдемократски” општества – само за “парите” (и таму секој празник за работниот народ е отприлика трпеза, бал во ресторан или кратко патување, едноставно никој нема сила ни идеја за нешто друго, се работи исцрпувачки, понекоја феста со добра трпеза, огномети во кои секој ужива од својот балкон, Велигден со неколку традиционално неодминливи “ритуали” во храмовите) и сл. Оние похрабрите нации остануваат верни на надежта во “јарето” (Индија, Северна Кореја, Иран, итн.), а се разбира се обидуваат и економски да парираат.
    Современото гесло на македонската нација пак звучи отприлика како рефренот на еден од хитовите на Queen:
    “I wanna the all and I want it now” (“Сакам се’ и сакам веднаш”).
    Повторно ќе го издвојам руското општество кое го има својот Бесмртен Полк (еден масовен искрен марш на кој граѓаните излегуваат на Денот на Победата носејќи транспаренти со ликовите на хероите од антифашистичката борба од своите семејства, кое секогаш е потресна глетка и незаборавно сведоштво за цената на слободата и на државноста), едно уникатно Богојавление, Божик кој не е Нова Година, Велигден кој е Велигден итн. Израел, се разбира, не заостанува со својата матрица.
    Македонскиот христијанин празнува така како што живее секојдневно (го има своето посебно Богојавление, го празнува својот Божик и некои други слави, но не може за Велигден тој да покаже некоја ненадејно преподобие ако не живее активен аскетско-тихувателски подвиг во текот на годината; освен тоа какво и да е преподобие, повисок духовен раст итн. не би ни било со око видливо, освен евентуално кај ретки големи чудотворци). А видливото празнување надвор од храмовите кај нас е редуцирано со комунистичките репресии во вид на укинување на празничните литии (кои до денес не се воздигнати на некогашното рамниште и блесок, ниту по мистичната суштина ниту по уметничката рафинираност, освен можеби со стремежите на струмичката и струшката литија и во напорите на Бигорски Манастир, секако и со многу значајните Бадниковите поворки). Културата на литии (макар во кругот на црковниот двор) за слава на храмот на пример е речиси изгубена. Нема литии ни со моштите на новопрославените светии. Но таа култура воопшто бара многу труд, голема уметничка посветеност и организираност на празникољубци, добра духовна подготовка и секако бара пари.
    Што се однесува до Први Мај… Каква револуционерна или целисходна содржина би му дале ние денес?
    Би можеле да организираме базари за автентични и за уникатни македонски производи, бидејќи македонски производи всушност речиси и нема. И тоа не за стопанствениците, туку за обичните граѓани кои немаат можност да отворат свој бизнис, но имаат дарби, квалификации, идеи, наследено знаење, можеби и некој алат и желба да се изразат. Стопанствениците треба да бидат задолжителна публика со обврска да понудат иднина за надежните експонати. Живеам во град кој со децении обучува бравари, лимари, дреари и сл. во индустриско училиште, но ниеден производ од нив не можел да се најде во неговите продавници никогаш. Огромен дел од тие луѓе беа со години невработени. Не можат ли тие да произведат домашен и градинарски инвертар конкурентен на кинеските и на турските производи? Ништо ли не можат да произведат? Македонскиот човек денес главно ја прилагодува својата работоспособност на странските работодавачи.
    Што да прославиме ние на Први Мај? Доминацијата на трудот на работниот народ од други земји над македонскиот работен народ? Да го претвороме ли Први Мај во глорификација на манипулаторите на човековиот труд? Министерството за култура треба да осмислува вакви празнувања, но милсам дека се’ уште културата кај нас се прпелка во калта на постмодернизмот и епигонското каскање зад странските субкултурни трендови и не ја сфаќа својата суштинска улога во македонското општество. Во некоја мера или е стихијно, безидејно комерцијализирана или е гол (и пск епигонски) крик кон невкусот на таа доминантна профаност.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here