„Традиоционалните вредности“ како инструмент на руско влијание

Date:

Share post:

Руската православна црква е еден од каналите преку кои Москва го одржува своето политичко и идеолошко влијание во Европа, а повикувањето на „христијанските и традиционалните вредности“ се користи како инструмент за влијание врз различни општествени групи. Ова било посочено на конференција во Европскиот парламент посветена на руската политика кон традиционалните вредности, пишува во анализата на „Христијанство.бг“.

На конференцијата, организирана од европратеници од групата на Европските конзервативци и реформисти (ECR), политичари, безбедносни експерти и истражувачи разговарале за улогата на религијата во руското политичко влијание, особено во контекст на војната во Украина.

Религијата и војната во Украина

Според анализата на „Христијанство.бг“, посебно внимание било посветено на улогата на Руската православна црква и на односот меѓу религијата и руската политика.

Европратеникот Мариуш Камински оценил дека претставувањето на Русија како заштитник на традиционалните и конзервативните вредности ги прикрива, како што тврди, империјалните цели на Кремљ.

Александар Вондра, пак, го отворил прашањето за противречноста меѓу декларираната руска заштита на христијанството и поддршката што високи претставници на Руската православна црква ја даваат за руските воени дејствија во Украина.

Латвискиот истражувач Андис Кудорс се осврнал на ставовите на Светскиот руски народен собор, предводен од патријархот Кирил, и на неговото определување на војната како „света“.

Рускиот аналитичар Сергеј Чапнин, автор на извештајот „Faith under Pressure“, зборувал за промените во религиозното разбирање на мачеништвото во контекст на војната. Според него, традиционалниот христијански образ на маченикот бил заменет со поинаква интерпретација, во која се оправдува смртта во воен контекст.

Руската православна црква како канал на влијание

Во анализата се издвојува и настапот на Катерина Настојашча од украинскиот Институт за национална отпорност и безбедност, која зборувала за Руската православна црква како структура преку која Москва, според неа, може да одржува наративи, лојалности и политичко влијание во Европа.

Таа посочила дека посебно внимание треба да се посвети на рускојазичната дијаспора и бегалците, оценувајќи дека црковните структури можат да бидат простор за долгорочно влијание врз политичките ставови.

Според Настојашча, прашањето за слободата на совеста во одредени околности може да се поврзе и со прашања од областа на националната безбедност.

На конференцијата се разговарало и за руските информативни стратегии и таканаречената „когнитивна“ и „рефлексивна“ војна.

Рихардс Колс оценил дека Москва не настапува со една непроменлива вредносна платформа, туку ги приспособува пораките во зависност од публиката.

Експертот за когнитивна војна и OSINT Авитал Сахар, според анализата, оценил дека руското влијание не се состои само во напад врз западните вредности, туку и во обид нивните значења да бидат преобликувани.

Во поширок контекст, учесниците говореле за дезинформациите, хибридните операции и користењето на општествените поделби како дел од стратегиите за влијание.

Институциите како цел на влијание

Поранешниот шеф на грузиското надворешно разузнавање и поранешен амбасадор во САД, Бату Кутелија, темата ја проширил и на влијанието врз институциите.

Според него, руската политика не мора секогаш да се насочува кон територијално освојување, туку може да вклучува и настојување да се воспостави влијание врз институциите преку кои едно општество го остварува својот суверенитет.

Учесниците ја разгледувале руската употреба на традиционалните и христијанските вредности во поширокиот контекст на политичкото влијание, пропагандата и војната во Украина.

Во анализата се издвојува тезата дека руската реторика за традиционалните и христијанските вредности, според учесниците на конференцијата, не треба да се разгледува само како идеолошка позиција, туку и како можен инструмент за политичко и информативно влијание во Европа.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img