Продлабочената криза во Бугарската православна црква доби ново продолжение, овој пат пред телевизиските камери. Во емисијата „Денот започнува“ на Бугарската национална телевизија, архимандритот Никанор и икономот Владимир Дојчев влегоа во отворена полемика, разменувајќи тешки обвинувања за состојбите во БПЦ, за влијанието на Москва и за опасноста од раскол.
Дуелот доаѓа само неколку дена откако архимандритот Никанор беше казнет со 15-дневна забрана за свештенослужење поради неговите јавни критики кон бугарскиот патријарх Даниил.
На почетокот од разговорот, водителот го праша Никанор за неговата неодамнешна објава: „Со нас е Бог. Со нив е Москва.“
„Мислам дека секој треба сам да си одговори кои се тие. Очигледно е дека не стоиме на исто место и дека не гледаме на светот низ очите на истата вера“, одговори Никанор, алудирајќи на длабоките поделби во Црквата.
Неговите зборови веднаш беа оспорени од икономот Владимир Дојчев, кој го обвини архимандритот дека со своите јавни настапи ја преминал секоја граница на црковно и човечко однесување.
„Вашите медиумски настапи одамна не се јазик на Евангелието. Наместо љубов, користите уличен и хулигански речник. Од навреди стигнавте до зборување за пуч, за бунт, а сега и за создавање нова црква. Дали сте свесни што значи еден архимандрит да зборува за нова црква? Тоа е пат кон раскол“, му порача Дојчев.
Никанор не остана должен. Тој возврати дека нови православни цркви веќе постојат и како пример ја посочи Православната црква на Украина, а вината за можните поделби ја префрли врз сегашното црковно раководство.
„Токму ова раководство, особено во Софиската епархија, ги оттурнува луѓето. Постои реална опасност верниците да посакаат да останат православни, но не и под ова раководство“, изјави архимандритот.
Телевизискиот судир дополнително го откри длабокиот јаз меѓу двете струи во БПЦ – едната, која остро го критикува сегашното црковно раководство и неговата близина со Москва, и другата, која предупредува дека јавните напади на Никанор можат да предизвикаат раскол во Црквата.
Во меѓувреме, свештениците од Софиската епархија усвоија декларација со која едногласно застанаа зад патријархот Даниил. Во неа тие се оградуваат од изјавите на архимандритот Никанор, оценувајќи дека неговите зборови, однесување и јавни настапи се недостојни за клирик на Бугарската православна црква и дека можат да имаат сериозни духовни последици за верниците.
Погледнете го дуелот од 1.28.00

