Македонците во Австралија и годинава достоинствено го одбележаа големиот црковно-национален празник Илинден, организирајќи богослужби и свечености во сите црковни општини на Австралиско-сиднејската епархија на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Во сите храмови беа отслужени Свети литургии, на кои беше прочитано Илинденското послание на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан. Во својата порака, архиепископот потсети дека трите Илиндени – од 1903, 1944 и 1991 година – го сведочат историскиот континуитет на Македонија и вековниот стремеж на македонскиот народ кон слобода и државност.
Во посланието беше нагласено дека слободата не е еднаш засекогаш стекнато право, туку вредност што постојано треба да се чува и брани, при што верниците беа повикани да останат верни на верата, правдата, честа и достоинството.
По литургиите, во македонските православни црковни општини низ Австралија беа организирани духовни, културни и забавни програми. На свеченостите присуствуваа голем број верници, семејства и деца, кои преку културно-уметнички настапи, народни веселби и заеднички трпези го одбележаа празникот.
Од Австралиско-сиднејската епархија истакнуваат дека македонските православни храмови во дијаспората и понатаму остануваат важни центри за зачувување на православната вера, македонскиот јазик, културата и националниот идентитет, а Илинден претставува симбол што ги обединува Македонците, без разлика каде живеат.













