Рускиот патријарх Кирил, за време на богослужбата во Дивеевскиот манастир во Саров, посветена на празникот на откривањето на моштите на преподобниот Серафим Саровски, зборуваше за создавањето на руското нуклеарно оружје, оценувајќи дека тоа не било случајност, туку дел од Божјата промисла.
Како што пренесуваат руските медиуми, поглаварот на Руската православна црква изјавил дека токму во Саров, местото каде што се подвизувал и се молел свети Серафим Саровски, се одвивале научните истражувања и инженерските работи што довеле до создавање на советската атомска бомба.
„Не е случајно што токму тука, каде што се молел преподобниот Серафим, биле извршени научните истражувања и инженерските разработки кои ја спасиле земјата и народот од најопасното и најстрашното уништување“, рекол патријархот Кирил.
Тој додал дека научниците, инженерите и работниците кои работеле во Саров со создавањето на руската атомска бомба, според неговото толкување, биле инструмент преку кој се пројавила Божјата благодат и милост кон Русија.
„Учените кои работеа во Саров ја создадоа руската атомска бомба, која ги спречи плановите на непријателот да ја уништи и пороби Русија. Преку трудот на овие научници, инженери и работници, над нашата земја несомнено се пројави Божјата благодат и милост“, изјавил рускиот патријарх.
Ова не е првпат патријархот Кирил да го поврзува создавањето на нуклеарното оружје со Божја промисла. Вакви ставови тој ги изнесува и претходно, во рамки на неговата визија за улогата на воената моќ во историјата на Русија.
Преподобниот Серафим Саровски во 2007 година беше прогласен за „небесен покровител на нуклеарниот оружен комплекс“ во Русија, што дополнително ја поврза неговата почит во Руската православна црква со руската нуклеарна индустрија.
Саров, денес познат како еден од главните руски центри за развој на нуклеарно оружје, историски е поврзан со манастирот каде што живеел свети Серафим Саровски. По Октомвриската револуција, манастирот бил затворен од советските власти, а неговите објекти подоцна биле приспособени за потребите на тајниот советски нуклеарен проект.
Токму во Саров во 1940-тите години бил развиван проектот за првата советска атомска бомба РДС-1, која била тестирана во 1949 година. Денес градот останува еден од најзначајните центри на руската нуклеарна индустрија.


За светите се ‘ е свето, и гледаат на кој начин Бог е се’ во се’.