Таланти

Date:

Share post:

Талантот ни е даден за функционирање и надградба на Црквата. Тука треба да бидеме внимателни, затоа што, едно е – активиран талант преку лично усвоена благодат, а сосема друго е – активиран талант преку вонредна благодат.

Пишува: Митрополит Струмички Наум

Евангелието за талантите е убав пример за нашиот однос кон Бог како благодарење: Бог, Самиот Себе и сѐ Свое – причесно, ни дава, а од друга страна, ние – самите себе и сѐ наше Му принесуваме Нему. Само што на почетокот, Неговото е само давање, а нашето е само благодарење – воздавање, за на крај, целиот така воспоставен однос да се преобрази во личен и неповторлив наш однос со Бог – во кој се надминуваат односите на давање и благодарење.

Ова взаемно себепринесување, помеѓу Бог и нас како и меѓу самите нас, ни е овозможено и се случува во Богочовекот Исус Христос, во Неговото Тело – Црквата, чии членови сме ние; во нејзината света Литургија – во заедничкото народно дело на благодарење (Евхаристија), каде што самите себеси, еден со друг и целиот наш живот на Христос Бог Му го принесуваме. Затоа е и многу битно, редовно да учествуваме на евхаристиските Собранија на Црквата и взаемно да се причестуваме со Христос и помеѓу себе.

Таланти се способностите, вештините, потенцијалите што Бог посебно ги вложува во нас при нашето создавање, како и при нашето свето Крштение. Со несоздадената Божја благодат на Крштението, покрај тоа што го примаме целиот Очев домострој на нашето спасение – во најширока смисла на зборот, од Предвечниот Совет до Есхатонот, ние ја примаме и силата совршено да ги оствариме вложените таланти во нас од нашето создавање, како и да примиме нови – кои сами можеме да си ги бираме, од целата соборна лепеза на светоотечки таланти; и сите заедно да ги вложиме во надградба на Телото Христово – Црквата; т.е. за спасение и живот на светот.

Неколку забелешки за талантите, иако темата е малку длабочка и за мене и за оние што ме читаат:

Бог точно знае кому од нас колку таланти да даде, а тоа да биде за наше спасение и за напредок на Црквата Негова; ние имаме слобода да Го „изненадиме“ пријатно или непријатно – со остварување на потенцијалот или со игнорирање. Во секој случај, никој од нас не е онеправдан – добиваме крст, во тие рамки и талант, што само ние лично може да го носиме и преку него да градиме неповторлив личен однос со Бог.

И кога Бог ќе „побара сметка“ што сме направиле со Неговиот дар, никој од оние што сакале да се потрудат да го умножат, т.е. остварат дарот, нема да биде онеправдан или разочаран – и оној со петте умножени таланти и оној со двата добиваат исто: „Убаво, добри и верни слуго! Во малку си бил верен, над многу ќе те поставам; влези во радоста на својот господар!“ – го добиваат личниот неповторлив, уникатен однос со Бог, што си го оствариле за време на овоземниот живот.

Дури и оној што го скрил, т.е. не го остварил својот талант има можност да се спаси, ако побара од Бог прошка. Затоа што, кога и Бог да ни се обрати и што било – макар и најлошо, да ни каже, тоа е секогаш можноста што ни ја дава да кажеме: „прости Господи!“ Ако не, несоздадената благодат не се губи – се враќа во Црквата Божја: „земете го од него талантот и дајте му го на оној, што има десет таланти“; а таму е сѐ заедничко, соборно.

А зборовите: „зашто секому, што има, ќе му се даде и преумножи, а од оној, што нема, ќе му се одземе и она што го има“, значат дека, на оној што Му благодари на Бог и за она најмалку што го има, а чесно се труди да оствари повеќе, за добро на сите – ќе му се даде многу повеќе, а оној што никогаш не е задоволен и не благодари за тоа што го има – нечесно грабајќи се за повеќе, ќе изгуби сѐ.

Талантот ни е даден за функционирање и надградба на Црквата. Тука треба да бидеме внимателни, затоа што, едно е – активиран талант преку лично усвоена благодат, а сосема друго е – активиран талант преку вонредна благодат. Ако благодатта ни е лично усвоена, преку подвиг на отворање на срцето за умно-срдечната молитва, тогаш активираниот талант и неговото користење – за добро на Црквата, нас ни носи поголемо смирение, оти ни ги отвора духовните очи за нашето несовршенство, за нашата немоќ. Додека, ако е талантот активиран преку вонредна благодат, тогаш, ако тоа не ни е освестено, може да ни донесе прелест – на високо мислење за себеси, та и покрај доброто за Црквата, ние самите да претрпиме духовна штета.

Постојат и таланти вложени од Бог во луѓето кои тие можат да ги развиваат и надвор од заедницата со Бог, а можат да бидат активирани и како демонски дар. Најчесто, таквите таланти, се на душевна штета на оној што ги има, а најчесто и на поголема штета за пошироката заедница – вклучувајќи ја и црковната, во зависност од позицијата, како и од менталната и душевна болест, на нивниот носител.

„Кој има уши да слуша, нека чуе!“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img