За отец Сергиј Бережној, свештеник на Православната црква на Украина, руската војна против Украина не е само воен напад врз суверена држава. Тоа е и војна што се води преку историјата, идентитетот, јазикот и религијата, и преку она што тој го нарекува „политичко православие“. Бережној е старешина на првата парохија на ПЦУ отворена по добивањето на Томосот за автокефалност во 2019 година.
Бережној зборува за ова не само како теолог и свештеник на Православната црква на Украина, туку и од длабоко лично искуство. Роден во Мирнохрад и израснат во Покровск, во Донецката област, тој пораснал во религиозното опкружување на Московската патријаршија и се сеќава дека, како млад олтарник, учествувал во делење материјали што ја промовирале идеологијата на Русский мир (руски свет). Години подоцна, преку теолошките студии и средбите со теолози во странство, тој почнал да ја гледа оваа идеологија како изопачување на христијанството и инструмент на политичка доминација. Денес, неговата мајка и брат сè уште се во Покровск, а тој вели дека нема начин да дознае дали се живи.
Во ова интервју за ЦИВИЛ МЕДИА, Бережној ја опишува Православната црква на Украина како штит од руските „духовни ракети“ и тврди дека Кремљ и Руската православна црква систематски ги користат верските чувства, културниот идентитет и историските наративи за да ги приближат Украинците не до Христос, туку до империјалниот проект на Москва.
Неговото сведоштво станува особено силно кога се присетува на својата служба како воен капелан по ослободувањето на Буча. Соочен со телата на цивилите и убиените деца, вели дека и самиот посакал да земе оружје, но еден украински командант му рекол дека неговата улога како свештеник е токму да им помогне на војниците да го зачуваат својот морал и да не станат како оние против кои се борат.
Во разговорот се отвораат и прашањата за верската слобода под руска окупација, улогата на свештенството поврзано со Москва, односите меѓу Православната црква на Украина и Македонската православна црква, како и местото на Украина во Европа.
Неговиот апел до Македонската православна црква е едноставен и директен:
„Бидете добар Самарјанин за нас.“
А неговата поширока порака оди многу подалеку од црковните односи: Украина, вели тој, не ги брани само сопствената слобода и идентитет, туку и Европа.
Интервјуто е направено во градината на манастирскиот комплекс „Св. Михаил“ во Кијив.
Сергиј Бережној: Јас сум Сергиј Бережној и свештеник сум на Православната црква на Украина. Старешина сум на првата парохија на Православната црква на Украина што беше отворена откако во јануари 2019 година го добивме Томосот за автокефалност.
Мојата лична животна приказна е исто така важна за нашиот разговор. Роден сум во Донецката област, во Мирнохрад, а пораснав во Покровск. Мојата мајка и мојот брат сè уште се во Покровск, а јас немам никаков контакт со нив, ниту можност да дознаам дали се живи или не.
Затоа, како и другите Украинци, живеам во оваа реалност на руската агресија и со последиците од Русский мир (руски свет), особено од почетокот на руската инвазија од широки размери.
Каква е улогата на Православната црква на Украина во поддршката на украинското општество, духовно, морално и хуманитарно, како и во однос на националната отпорност и одбраната?
Сергиј Бережној: Ова е многу добро прашање и во себе содржи неколку различни теми. Би сакал да почнам со една кратка историја, бидејќи таа е важна за да се разбере мојот одговор.
Како што споменав, роден сум во Донецката област. Таму постоеше огромна мрежа парохии под Московската патријаршија. Околу 2000 година бев олтарник и се сеќавам како јас, други момчиња и свештеници делевме многу материјали во тие парохии, поддржувајќи една политичка личност наспроти друга.
Веќе тогаш постоеше еден вид пропаганда на Руски мир. Јас претпочитам да го нарекувам тоа политичко православие, и тоа беше голема трагедија.
Делевме материјали во кои, на пример, се тврдеше дека Украина, Русија и Белорусија се како Светата Троица: како што е невозможно да се раздели Светата Троица, така, наводно, било невозможно да се разделат и овие три држави.
Оваа ерес на Руски мир беше распространета низ целата мрежа парохии во Донецката област, особено таму каде што сум роден. Таа речиси се третираше како уште една православна догма: мораше да верувате во неа. Ако не верувавте и не ја исповедавте, ве сметаа за лош верник, бидејќи наводно верувавте во погрешни вредности. Ни велеа дека само Москва и Руската православна црква можат да ги создаваат „вистинските“ вредности.
Во тоа време, за мене тоа навистина беше догма, бидејќи мојот свештеник ми велеше дека мораме да го следиме тоа. Свештениците во нашиот крај имаа благослов од Донецкиот митрополит.
И јас бев многу горд што ги делев тие материјали. Верував дека му служам на Бога, бидејќи мојот свештеник ми велеше додека бев момче: „Верувај ми, кога ги делиш овие материјали, работиш за Бога. Правиш добро дело, затоа што мораме да бидеме едно.“
Подоцна, кога го завршив богословското училиште во Кијив, разбрав дека тоа е огромна ерес. Уште подоцна, кога студирав во странство и разговарав за ова со теолози од различни земји, и тие ми го кажаа истото: ова е ерес. Ова е политичко православие. Ова е агресивно православие.
Тоа нема ништо заедничко со Христос. Тоа е политика, а не Христос.
Ако сакате да го следите патот на спасението, треба да размислувате за Христос, за љубовта, милосрдието и Божјата благодат, и за тоа како да го најдеме она што нè обединува, а не она што нè разделува.
Подоцна го разбрав и поширокиот проблем: Русија, Руската Федерација и Руската православна црква ги користеа религијата и верските чувства на Украинците против нас, не за да нè приближат до Христос, туку за да нè приближат до идеологијата на Кремљ и повторно да го изградат Советскиот Сојуз.
Ако се вратиме на вашето прашање, тогаш да: Православната црква на Украина е штит од оваа пропаганда. Таа е како купола што нè штити од руските духовни ракети, чија цел е да го уништат нашето православие.
Голема трагедија е што Руската православна црква, луѓето кои некогаш ги нарекувавме наши браќа и сестри, го избра овој политички пат. Тие не избраа да го исповедаат Христос како мачениците во првите векови. Наместо тоа, избраа да му помагаат на злото на Кремљ: да убива луѓе наместо да ги спасува и да ја користи мрежата на цркви против нашата култура, против нашата историја и, пред сè, против Христос и Неговата заповед за љубовта.
Ова политичко православие е голема трагедија. Мислам дека тоа е и нова тема за истражување, не само за теолозите, туку и за научниците од многу други области, за идните генерации да можат да бидат заштитени од оваа опасна пропаганда, која, според мене, е споредлива со нацистичката пропаганда.
Токму затоа Православната црква на Украина денес има толку важна улога. Ние ги водиме луѓето кон Христос без политика. Ги водиме луѓето кон љубовта Христова, без да создаваме нови пречки на нивниот пат кон Него.
Кога започна руската инвазија од широки размери, поглаварот на нашата Црква, Неговото Блаженство митрополитот Епифаниј, ги благослови нашите бранители да нè заштитуваат. Веднаш беа испратени многу капелани од нашата Црква да служат во армијата, а и јас бев еден од капеланите што се грижеа за војниците.
Сакам да ја разберете моралната логика и моралното ниво на нашите војници.
Бев со војниците непосредно по она што се случи во Буча, каде што беа масакрирани Украинци. Војниците ме однесоа таму за да им помогнам на луѓето и да доставиме хуманитарна помош на територијата ослободена од руската окупација. Тоа сè уште беше зона на борбени дејства.
Со свои очи видов што направи ова таканаречено руско православие во Буча.
Невозможно е такви работи да се прават во името на Христос. Сè уште не можам да ги најдам вистинските зборови за да ја опишам таа трагедија. Сè уште ги гледам телата на луѓето на улиците. Сè уште ги гледам децата што беа убиени од руските војници.
Кога го видов сето тоа, му реков на мојот командант: „Знаете, иако сум свештеник, ќе земам оружје и ќе одам да ги бранам нашите деца, Украинците, жените, сите.“
Да, јас сум свештеник. Не можам да земам оружје. Но, во тој момент, кога гледате колку луѓе убива Русија во Украина, имате само една желба: да им помогнете на нашите војници да ги заштитат нашите деца, нашите жени и нашата иднина.
Мојот командант ми рече: „Смирете се, оче. Смирете се. Ве разбираме. Многу добро ве разбираме. Но, ве молам, бидете свештеник. Помогнете ни да го задржиме највисокото морално ниво во оваа борба. Не сакаме да го изгубиме нашиот морал во оваа војна, бидејќи ако го изгубиме моралот додека се бориме против Русите, ќе станеме како руските војници. Затоа, оче, ни треба вашата помош. Ни треба помошта на свештениците. Ни треба духовна и психолошка грижа, бидејќи треба да разбереме дека кога ја браниме нашата земја и нашиот народ, Бог е со нас.“
Нашите свештеници никогаш не рекле: одете и окупирајте туѓа територија. Ние не велиме дека Украинците и Русите се еден народ. Не. Ние сме независна држава со многу долга историја.
Токму затоа нашата Црква направи, и продолжува да прави, сè што може за да им помогне на нашата нација, нашиот народ, нашите војници, нашата држава и нашата земја да ја бранат не само Украина, туку и европската историја и европското општество од деструктивното и тоталитарното влијание.
Токму затоа нашата Црква денес има толку важна улога во општеството. Им обезбедуваме на луѓето социјална и хуманитарна помош. Отворивме многу центри во кои продолжуваме да им помагаме на оние на кои им е потребна помош.
И уште нешто е многу важно: мораме да го зачуваме нашето православие ослободено од политичко влијание.
Не сакаме Рускиот свет да го замениме со Украински свет. Не. Сакаме да го зачуваме Христовиот свет, кој е заеднички за секоја Православна црква.
Целото интервју на civilmedia.mk


Белорусите, Русите и Украинците не се ист народ, напротив. Но, тие три народи беа меѓусебно блиски живеејќи еден покрај друг во иста држава (па и испреплетено во многубројни мешани семејства и сигурна сум дека Руската Православна Црква лесно ги предвидела денешните трагедии на тој план). Тие три народи живееја заедно многу подолго од југословенските народи. За жал, Украина не ја задржа мирољубивата реторки по доброволното мирно одвојување од таа заедничка држава и започна да води една крајно опасна антируска политика во крајно неблагодарен и подмолен стил (после билионски простени долгови, од страна на Руската Федерација, после разни испумпувања на руските гасоводи итн., па дури и да је ило така!). Многу пред почетокот на воениот конфликт, почна да води хазардерска политика на валкано додворување на западните странски сили, со надеж дека ќе извлече дополнителна енормна материјална корист прво од Русија, а потоа од Запад, и подоцна се насочи кон некаква стратешка предност. И покрај ова интервју, во чија вистинитост човек нема начин да се увери од далечина, моето искуство со припадници од сите три народи е такво што кога би била Русинка не би сакала да тврдам дека Русите и Украинците се еден народ (би ми било многу под честа, не заради историјата, не заради стратешки натфрлувања, туку заради менталитетот), а камоли кога би била Белорусинка. Украинците фрлаа отров во изворот од кој до вчера пиеја, а денес ги слушаме како држат предавања за чистотата на Православието. Ќе дојде време, ќе се отрезнат и пак ќе гребат на руските порти, но тие ќе бидат затворени. Украинците Западот се’ уште не го познаваат, го немаат вкусено како што треба. Се’ уште се лечат со ефтини и супер ефикасни руски лекови, се’ уште увезуваат ефтини руски стоки , се’ уште живеат како едно со Русите и покрај сета пропаганда, и покрај стравотиите на војната за која тврдат дека се невини. Нека се лишат малку од тие бенефити со руско потекло и нека тераат висока политика, па да видат како изгледа европски стилски живот во пракса. ЕУ нема да ја претвори Украина во Германија. Само ќе им наложи да се лишат од сите поволности кои се ‘ уште им доаѓаат од Русија, и ќе им продава не само свои вредности туку и свои стоки, се разбира по свои цени. Е, тогаш ќе се сетат дека се еден натод со Русите. Тогаш тие ќе го тврдат тоа.
А оние што рекле дека е ерес “пропагандата” дека Русите, Украинците и Белорусите се едно (или треба да бидат едно) како што се едно Отецот, Синот и Светиот Дух – и сите богословски студии на светот и векот да ги завршат со највисоки оценки, за Господ ништо нема да дознаат ниту да научат. Дење-ноќе да се молат, никаде нема да стигнат. А камоли пастири, подвижници или исповедници на жива вера… Животот и силата на срцето просто не се такви.
Има едно баш и руско филмче за пловидба на некој митрополит со група клирици чиј кораб некако доаѓа до еден пуст остров на кој се подвизуваат тројца неписмени селани. Митрополитот ги прашува “Како се молите на Бога, кога веќе заради Него дојдовте во оваа пустина?” А тие му одговараат: “А како да се молиме? Учевме аз, буки, веди… и тоа не го доучивме. Знаеме само дека на небото има Бог Отец, Бог Син и Бог Дух Свети. Ете, и ние сме тројца: јас сум Васја, ова е Вања и еве го Љуша. Па велиме: ‘Ние сме тројца и Вие Сте Троица. Помилуј не’ “.
А Митрополитот им вели: “Не е правилно така. Кажувајте ја молитвата ‘Оче наш’.” Тројцата пустиници со радост се зафаќаат да ја учат молитвата, а во меѓувреме им го пружаат своето најтопло гостопримство на гостите.
Свештениците со владиката најпосле си заминуваат со својот кораб, па откако ќе испловат во длабокото море ги гледаат простите пустиници како трчаат кон нив по морето како по суво, извикувајќи: “ Оче, оче, ја заборавивме молитвата. Почекај не’. Да дојдеме молитви да учиме!” Запрепастен од нивните несекојдневни благодатни дарови Митрополитот се крсти велејќи: “Простете ми, браќа. Јас сите молитви напамет ги знам, но да трчам по морето не умеам. Вратете се на својот свет остров и живејте си и молете се како досега.”
Филмов е многу омилен меѓу православните од сите народи. Ама до некои теолози очигледно неговата порака не може да стигне. Ќе го видат, ќе се воодушевуваат, но суштината во пракса ќе им остане недостапна. Бидејќи полесно е да се истура од шупливо во празно (да се суди и осудува) одошто Евангелието да се живее.