Ѓаконот Ненад Јованов на Крстовден беше ракоположен за свештеник во Лешочкиот манастир, за потребите на Европската епархија на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.
Ракополагањето го изврши Митрополитот Европски г. Пимен за време на Светата Златоустова Литургија, на која сослужеше и Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф.
По ракополагањето, новоракоположениот свештеник Ненад Јованов за првпат сослужи на Светата Литургија во свештенички чин.
Празничното богослужение во Лешочкиот манастир се одржа на празникот Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст Господов – Крстовден. Пред почетокот на Литургијата, согласно црковниот Типик, во средината на храмот беше изнесен Чесниот Крст, пред кој со побожност се поклонија свештенството и верниците.
На Литургијата присуствуваше голем број верници, кои се причестија со Светите Христови Тајни.
По богослужбата, Митрополитот Пимен се осврна на значењето на празникот и на Крстот како знак на Христовата победа, спасението и надежта на христијанинот.
Во беседата тој посочи дека Крстот не е само орудие на Христовата жртва, туку и знак на Божјата љубов кон човекот, патоказ кон вечниот живот и сведоштво за победата на доброто.
Митрополитот Пимен ги повика верниците пораката на Крстот да ја живеат во секојдневието, со вера, надеж и љубов.
Празничното собрание заврши со молитва пред Чесниот и Животворен Крст Господов.







