„Раѓања има многу малку и пред нас сериозно се поставува прашањето дали православниот македонски народ ќе продолжи да живее“, порача митрополитот Преспанско-пелагониски Петар во беседата на празникот Рождество на Пресвета Богородица.
На 21 септември, митрополитот Петар отслужи Света Божествена архијерејска Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Битола. За време на богослужбата, митрополитот Петар ги ракопроизведе во чин чтец Филип Џоковски и Стефан Јовановски.
Во беседата, осврнувајќи се на раѓањето на Пресвета Богородица од праведните Јоаким и Ана, митрополитот Петар говореше за значењето на раѓањето и воспитувањето на децата, нагласувајќи дека родителската одговорност не завршува со нивното раѓање.
„Најголемата среќа не е само во раѓањето на децата, без нивното правилно воспитување“, рече митрополитот Петар, поврзувајќи го христијанското воспитување со иднината на семејството, народот и Црквата.
Тој се осврна и на намалувањето на раѓањата, оценувајќи дека станува збор за прашање кое директно ја засега иднината на православниот македонски народ.
„Раѓања има многу малку и пред нас сериозно се поставува прашањето дали православниот македонски народ ќе продолжи да живее, како и другите православни народи кои не раѓаат доволно деца“, порача митрополитот.
Во тој контекст, митрополитот Петар го нагласи и значењето на духовното воспитување на децата. Според него, не е доволно само телесното раѓање, туку потребно е и духовно раѓање преку воспитување во верата, Светото Писмо, Светото Предание и учењето на Црквата.
„Не е потребно само телесно раѓање, туку и духовно раѓање“, рече тој, предупредувајќи дека духовната неплодност претставува опасност за опстојувањето на народот и Црквата.
Како пример за христијанско воспитување, митрополитот ја посочи Пресвета Богородица, која нејзините родители, според црковното предание, уште како дете ја посветиле на Бога и ја однеле во храмот.
Во тој контекст тој ги повика родителите повеќе да ги вклучуваат своите деца во црковниот живот.
„Дали нашите православни родители ги носат своите деца во храмовите во неделите и празничните денови? Дали им покажуваат кои се иконите на иконостасот? Дали им објаснуваат Кој е Христос Спасителот, која е Мајката Божја, кој е Свети Јован и кои се другите светители?“, праша митрополитот.

