Одамна не сум пишал на црквена тема, не беа нешто интересни ова црковнициве. Истите финти повремено, досадна работа. Сем ПетриЧ ќе раздуваше по некој од колегите си, чиниш станува збор за непомирени фракции, па мора да им се расипе публицитет. А вели Библијата: „Едно да сме…“ Како што и вели: „Кој разделува, тој пријател е на ѓаволот“. Според надимакот, де.
Пишува: А.Е.
Неисе, се јави, за првпат – што е така, така е, со анализа за црковна проблематика еден од најстандардните политички аналитичари на нашево поднебје. За воља на вистината и темата за која зборуеше и пишуеше, па и не е баш чисто црквена. Фрчко и има те како право и те како има знаење за теми кои задираат и во политика и во геополитика. Како правник, па и политиколог, свесен е дека не може да пропушти еднен толку важен аспект на тоа што го „дроби“ на велико во своите анализи – влијанието на српски свет у Македонија. Очигледно тоа влијание се дешава прецизно одмерено, доволно дозирано, некојпат агресивно, повеќе од времето допадливо. Секако дека црковниот простор и те како е важен и секое влијание на туѓи интереси е непријателско за нашите македонцки интереси. Како правник анализира една состојба, која и најповршниот и најслабиот дипломиран правник би ја увидел. Состојба на посакуван статус кво, во кое нечии лудории, што природни, што намерни, ќе доведат до статус бетон! Состојба на овозможена пенетрација на назаден наратив и на националистички политики, на сметка на сопствените интереси.
Видете, не секогаш се согласувам лично со ставовите на Фрчко, ќе признаам ми се допаѓа неговиот мангуплук, освен кога го потценуе поширокиот публикум. Ама во овој случај има и те како право, нешто што одамна се труби од многу поелоквентни. Стана Македонија новото игралиште на српскиот национализам, не се заборава старата рана за изгубената Јужна Србија и Вардарска бановина. Цинично, нели? Па тие никогаш ова територија не сакале да ја наречат, ни барем како дел од подолг назив, со името Македонија. Ама Петре ПетриЧ пења фати да докаже како Србите ни го признале името Македонска. Ама се до реченицата во нивниот Томос: „новата сестринска Црква прашањето за својот официјален назив да го решава и да го реши по пат на непосреден братски дијалог со елинoфонските и ОСТАНАТИТЕ помесни Православни Цркви“.
Фрчко повика на елементи на српските и руските интереси во самата МПц, кои одработуваат за неуспехот на македонските интереси. И види, како по клише: не прозва никого по име и презиме, се појавија како печурки по дожд, доколенки во однос на подокажаниот по тежина на памет од нив: ПетриЧ, ТодорЧе Антички, последен и оној Вујаклија јузер – Глигориј. Гиии здоболе! Аууу, ама ги здоболе Фрчко. Неприметно, не го очекуваа, не од тој калибар. И сите како договорени: ние не сме тија за кои зборува, ама не у право. Наставничката отвори уста, се јавија сите по ред, во оној манир: тој што го виде вчера, не бев јас!
Земав малку да простудирам прашањето и не ми е јасно како може да се порекнува нечие право да доделува статус, кога тоа толку пати низ историјата се десило: тие на кои им дал, а кои сега го порекнуваат правото – зошто не му го вратат даденото? Или: ако некои од Црквите добиле пусулче од Царскиот град за својата аутокефалност, како сега кажуваат дека истиот нема право да даде на други?
Еден од нив дури напишал: „Во претсоборскиот процес е утврдена постапка за доделување томос (одлука) за автокефалност на црковно автономен регион, во подготвителниот период за одржувањето на сеправославниот собор во Крит, во 2016 год. Претсоборскиот процес е иницијатива за донесување закони потребни за одржување на Сеправославен собор во Крит (веќе одржан, но е ништовен), од закононодавно–правни комисии (Сеправославни комисии – Комисии)… Формално‒правно, односно според управно процесно право, надлежност (право) за доделување автокефалност има Сеправославниот Собор“.
Убав, ај да те прашам две-три нешта:
Под еден: Кој Собор ги има потврдено / доделено аутокефалиите на Руска, Српска, Бугарска, Романска, Бугарска и сите други цркви?
Под два: Од кога, бе, тоа донесените одлуки на комисии (читај предлози), кои не поминале на пленарка со мнозинство гласови, влегуваат во правниот промет? Да ти подобјаснам онака без Вујаклија: кога во Собрание на РМ, заседава Комисија за буџет и усвојува предлог на Влада, а тоа не се става воопшто на дневен ред на собраниска седница, дали буџетот е усвоен? Колку што се запознав – темата за аутокефалија воопшто не дошла на соборот во Крит. Не е донесена од крајната инстанца.
И, друго: кажуваш соборот во Крит е „веќе одржан, но и ништовен“, како тогаш Претсоборскиот процес, чие постоење има смисла само поради самиот собор, значи кој е иницијатива за донесување закони потребни за одржување на Сеправославен собор во Крит е штовен, односно е валиден?
И, трето: ако прашањето за аутокефалија беше ставено на дневен ред на соборот и беше усвоено, потпишано од учесниците, дали тогаш ќе беше прифатено од неучесниците на Крит (читај Русите)!? Ако беше прифатено – дали ќе беше правно оправдано тој што го негира (минира) соборот во целост, да ги прифати неговите одлуки?
Разбрав од истражувањето и следно: во предсоборските иницијативи никогаш не е порекнато правото на Васеленската патријаршија да дава документ за аутокефалија. Запнато е договарањето во терминологијата (класика у Православље): дали да биде потпишува со сопотпишуваат или само потпишуваат! Па дур се расправале и како да се наредат потписите.
Е сега малку повеќе лаички, повикувам на логика, имајќи го за потпора македонското кон ЕУ искуство: дали бре луѓе навистина сакате и повикувате да се прифати предлогот на предсоборските комисии да се прогласува аутокефалија со консензус – да оди на сеправославно усогласување? Ееее, дур тогаш ќе се добие аутокефалност. Секогаш ќе има еден, нека ми простат од ЛБГТ заедницата, што нема да сака, што ќе биде против. И, оп – нема документче, работата закочена. На, пример Бугариве нема да се согласат за употребата на Охрид. Па и Србиве, сфаќаат тие со акал, многу јасно зошто сега ни намигнаа, но и си се иземаа за во иднина: „(СПЦ) ќе го потпише соодветниот Томос и ќе им го достави на сите сестрински автокефални Цркви на усвојување, бидејќи Српската Православна Црква не е единствениот фактор на автокефалијата, туку тоа е полнотата на Православната Црква, поради што е потребна и рецепција од страна на другите Православни Цркви“. Значи аутокефалија – АШ!, се до полна „рецепција“. Значи од сите ќе добиеме Томоси. Цела колекција ќе си имаме, јупиии!
Не е тешко да се сфати, можеби е време некој да смени терапија. И колку е очевидно зошто конкретно Русите, па и Србите навиваат за овој модел: ем не сакаат нови Цркви, зашто во тоа има првенствено материјал за цепкање на нивните територии (Украина, Белорусија, бивши Руски мир, Македонија, Црна Гора, Босна…), ем сакаат општ хаос по однос на прерогативите на Васеленската, очевидно некој аздисал за моќ.
П.С. Во меѓувреме Глигориј стана славен (да се чуди чоек по што?) и во светски рамки. Официјалниот руски пропаганден партал Сајуз православних журналистов ја објави неговата „анализа“ со наслов: „Охридски јерарх го оспорува правото на Фанар самостојно да дава автокефалија“. Да, секогаш се брои сојузникот, Русите никогаш не пропуштаат и да го прослават јавно и тоа на светска сцена. Во случајов тој е наречен „Охридски“, и јерарх на “Охридската архиепископија“.
Уште нешто до митрополитот:
Во српскиот Томос пишува: „Со голема радост ја прифати одлуката на Неговото Блаженство Архиепископот охридски господин Стефан и околу него собраниот Свет Архиерејски Синод, со која се прифаќа општопризнатиот канонски статус на епархиите на Српската Православна Црква во Северна Македонија, доделен во 1959 година, а тоа е статус на најширока можна автономија, односно полна внатрешна самостојност, и, бидејќи со тоа се отстранети сите причини за прекин на литургиското и канонското општење, предизвикан со едностраното прогласување на нивната автокефалност под името „Македонска Православна Црква“ во 1967 година“.
А вие, Глигориј, во вашиот промотивен говор сакавте со полни гради да не убедите: „Одговорноста за моето епископство е категоричкиот императив, целосно поврзан со Одлуката од III Црковно народен собор, којашто е содржана во Преамбулата на Уставот на МПЦ‒ОА… Одредбите од Преамбулата… на свечен начин го востановуваат историско‒канонско „верују“ на МПЦ‒ОА, каде што е посебно изразена волјата на клирот и народот. Оттука, за нас Преамбулата е надуставна норма којашто секогаш има важност, и има полноправна сила… Ќе настојуваме да се санкционираат сите вонинституционални и противуставни дејствија, што се однесува до неуставното постапување, при кршење на одредбите од Преамбулата, без разлика од каде доаѓаат“. Како с’к ќе ву објасниш на народ, Владиче дека ед’н пут е овакој друг пут е друго? Браниш га Собор од 1967 као все и всја, а не ги избиваш тија у СПц што ти га урнисует и прогласует за „едностран“? Прогласуеш га српски Томос за валидан, а те порекнуе. Шу праиме сега?


А.Е. – новооткриениот гениј на religija.mk за еклисиолошки прашања… Слично на претходните генијалци чиј апологет се нарекува, пишува на теми што ја надминуваат неговата “стручност” и несфатена “генијалност”.
Но, ова сигурно не ја надминува: во посочениот текст на СПЖ Митрополитот Григориј навистина се нарекува Охридски (древниот Охридски Престол за Старите Словени е многу поинаков еклисионим од комерцијалната туристичка профилираност на хибридниот полукомунистички-полумузеален-полуфолклорен “Балкански Ерусалим” од речникот на македонските бездарни журнали), но нашата Света Црква во тој и во останатите текстови на СПЖ се нарекува Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија. Дури и се потенцира дека низа Помесни Православни Цркви (со исклучок на блокот грчки Цркви предводен од Фанар) го имаат потврдено/прифатено статусот за автокефалност на Македонската Православна Црква доделен во Томосот за автокефалност од страна на Српската Православна Црква, се набројува и кои. СПЖ го објаснува и воздржувањето на Фанар со познатиот мотив за непризнавање на историското име на Македонската Православна Црква (односно, прифаќањето само на Нејзиното еклисиолошко име, Охрдиска Архиепископија).
Освен тоа СПЖ претходно објави и текст за враќањето на Архиепископот Охридски и Македонски Стефан на неговите редовни активности по периодот на краткотрајно боледување. Во тој текст исто така го користи полното име на нашата Света Црква.
Недоследностите во анализата на овој новооткриен гениј во горниот текст се бројни, но не и инетересни за разгледување. Фактот дека суштината на современите противречности во Православието ги сфаќа како гола борба за превласт покажуваат дека сепак “генијот” има некоја жовијалност за разонодување на чаршиските астали, но нема clue да излезе од профаниот политички простор и да фати макар една нишка од големото ткиво на мистичното платно на Големата слика во која се претставува дека зјапа.
Црквата не е улично ќоше на кое се одмерува дострелот на силните момчиња во интимни активности кои вообичаено прописно се обавуваат само поединечно во тоалет.
Македонската Православна Црква во секој момент може да го стекне доказот за легитимитет кој ваквите несфатени генијалци го посакуваат, но за разлика од нив Таа не се занимава со кафански надмудрувања туку со непоколебливо и внимателно градење на Своето сведоштво. Не е страшно кога генијалецот е несфатен, туку кога самиот не сфаќа нешта од суштествена важност за кои тврди дека има неспоредливи знаења и решенија.
Фанар не признава име “Охридска Архиепископија” за нашата црква. Во своето Communiqué (May 9, 2022) пишува: “It recognizes “Ohrid” as the name of this Church (understood as the region of its jurisdiction solely within the boundaries of the territory of the state of North Macedonia)”…, “…excluding the term “Macedonian” and any other derivative of the word “Macedonia.”…, …”of this ecclesiastical entity of Ohrid”
Значи за Фанар, црквата во ДРЖАВАТА Северна Македонија, ја признава со име “Охрид”, не се спомнува име “Охридска Архиепископија”, не знам каде тоа е кажано или се тврди од страна на Фанар.
Дај читајте малkу https://ec-patr.org/en/10/05/03/19/communique-may-9-2022-2/
Така е, византиските игри на Фанар не завршиле никогаш, и тоа не само во однос на нашата Црква. Инаку, дури и според овој перфиден документ, Црквата под Архиепископот Стефан не може а да не е Архиепископија. Или Фанар има свои идеи за Нејзино реорганизирање од Архиепископија во нешто друго? ‘Охрид’ е име кое се ограничува на географските граници под моментална јурисдикција на нашата за Фанар се’ уште безимена Црква. Или Црква во Северна Македонија.
Кога Фанар би им дал македонски легитимитет на Македонските династии во историјата на Византија, Грците би морале да преполоват многу од своето цивилизациско наследство, пред се’ да го признаат мултиетничкиот карактер на Византија и на византиските династии, како и доминацијата на Македонците на византиските престоли во значајни историски периоди, и тоа со исклучителен цивилизациски придонес во најзначајните области на развојот на Византија кои денес се дел од општоцивилизациското европско, па и светско наследство.
Зошто би го направиле тоа кога успеале во неверојатниот деволутивен процес соколот да го претворат во кокошка која нема мир ни во сопствениот двор, а камоли сила да летне повисоко и да се фати во костец со долгорочната сеопфатна измама за неговиот/нејзиниот уникатен генетски багаж и вековни дострели, терајќи ја да се препознае себеси одново по новозададени мерила, да го преименува својот идентитет, зашто веќе не е ни сокол ни кокошка.
(Фанар издаде Томос на автокефалност на Православната Црква во Украина во крајно разбојнички услови од украинска страна за самиот Цариградски Патријарх, прогласувајќи ја со тоа Украина за ничија земја, во што таа денес и се претвори. Значи, се чини дека еортологијата на Фанар, како и христијанската топономастика, се стратешки алатки, со повеќе од милитантен ефект. Колку и да веруваме во светоста и во најдобрите намери на Вартоломеј Втори (кој во Украина дури не се соочува ни со спорно име на државата во која Помесната Црква со новододелен Томос за автокефалност дејствува), ваквите Соломонски решенија не вродуваат со посакуваните плодови. Самата еклисиологија денес промовирана од страна на Фанар почива на идејата за обнова на старата Пентархија (доминација на петте најстари Патријаршии), без оглед што една од нив еволуирала во друга конфесија, со теологија која со векови свесно и намерно се оддалечувала од Православието. При ова свесно и намерно токму од страна на Фанар се игнорираат, обесправуваат, па и долгорочно се замолкнуваа Помесни Цркви кои и наспроти сложените историско-политички околности одолеале на ветриштата на вековите и го сочувале чистото Православие и Светото Предание на Црквата автентично.
(Се чини дека за Фанар е важно дека една денес ничија земја, некогаш руска православна јурисдикција, ја бара закрилата и утехата во татковските шепоти на една древна Цариградска Столица која самата е без грст почва под престолот на кој се крепи, но со разгранетост на епифит тежнее да ја обвитка цела планета не би ли ја одржала таа древна слава за Својата свежо апдејтирана чест и моќ.)
Фанар се надева славата на вековната ‘Охридска Архиепископија’ чии епархии во текот на историјата успевал да си ги присоедини за навек да ја прогласи за некакво ексклузивно грчко наследство.
Исто како што Василиј II Македонецот (Бугароубиец) во “братски” заговор со современите историчари ширум екумената е нарекуван припадник на Македонската династија со непознато потекло, роден во темата Македонија, но веројатно Ерменец од наследството на војските на Александар Македонски. А да не зборуваме за Св. Цар Јустинијан и за останатите византиски императори од македонските династии. Премногу македонштина во описот на Василиј Втори, за потеклото на еден Ерменец кој дотуркал до моќен Византиски цар (тезата за ерменштината е се разбира ревносно поткрепувана со мрежа детали во разни извори со меѓународен дострел на дистрибуција и етаблирана вграденост во потфат на амортизирање на клучните генералии на оригиналот).
Денес не можеме да го чуеме одекот на Св. Фотиј Цариградски од истиот древен Престол на Фанар, бидејќи Св. Фотиј се погрижи за надминување на тријазичничката ерес (или ексклузивна чест за проповедање и исповедање на Словото на Вистината на само три древни јазици) во идејата за враќање на славата на старата Пентархија. Веројатно таа е фрлена како уште едно маслиново гранче кон Поглаварот на Римокатоличката Црква, но за Помесните Цркви на малите народи кои со векови низ безброј кошмари и премрежија ја чуваат и ја јакнат својата трпелива вера, звучи по малку страотно. Грандиозните слики во Црквата ретко кријат зад себе грандиозни духовни величини. А најскапоцените благородства и оние врз чија милост и добрина се дежи светот за жал остануваат реткост која најчесто може да се најде во плитатот и парталите на навидум безначајните.