Страдањата нема да го одминат нашиот живот – да не се лажеме, тие се последица на нашиот грев, на нашето отпаѓање од Бог; прашање е само кога ќе се појават.
Пишува: Митрополит Струмички Наум
Црквата не ги отфрла знаците, односно, чудата – додека Јудејците немудро ги бараат; ниту ја отфрла мудроста – по која што Елините (незнабожците) тежнеат на чуден начин; Црквата само го покажува правилниот пат, преку кој, се доаѓа до Божјите чуда и до Божјата Премудрост – кои восогласено делуваат и единствено спасуваат.
Црквата не е место во кое преку некакви инстант чуда или преку некоја човечка мудрост ќе добиеме исцеление или избавување од нашите страдања, туку е начин на живот – скриен во Бог, каде што, прифаќајќи ги страдањата со благодарност, ги претвораме во Христов Крст, но затоа и во Негово Воскресение.
Ако забележиме дека страдаме без утеха и радост, да знаеме дека сме на погрешниот пат; исто како и кога се наоѓаме во некаква еуфорија, односно, во некаква лажна радост и восхит – без, барем, лично-соборна сострадалност. Христовиот Крст, никогаш не е без Воскресение; ниту Неговото Воскресение е без Крст, без страдање.
Страдањата нема да го одминат нашиот живот – да не се лажеме, тие се последица на нашиот грев, на нашето отпаѓање од Бог; прашање е само кога ќе се појават. Мудрост е да знаеме како правилно да ги надминеме, та сите во нас да го видат чудото на Воскресението Христово, а демоните да бидат изгонети од знакот на Христовиот Крст.

