Претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, на прием во Тирана по повод именденот на Архиепископот на Тирана, Драч и на цела Албанија, Архиепископот Јован, го отвори прашањето за положбата и потребите на македонските православни верници во Албанија.
Како што соопшти МАЕИ, Стерјовски лично му го честитал именденот на Архиепископот Јован, посакувајќи му добро здравје, долг живот и успех во духовната служба.
Во разговорот меѓу двајцата соговорници, покрај честитките по повод именденот, станало збор и за значењето на зачувувањето на верскиот и културниот идентитет на Македонците во Албанија, како и за предизвиците со кои се соочуваат православните верници од македонската заедница.
Стерјовски ги пренел и честитките од Македонците во Албанија, изразувајќи почит кон улогата на Архиепископот Јован во животот на православните верници во земјата.
„За многу години, Ваше Блаженство! Нека Бог Ви подари здравје, долг живот и сила во Вашата служба на Црквата и верниците“, порачал Стерјовски.
На приемот во Тирана присуствувале бројни верници и гости, а настанот поминал во атмосфера на меѓусебно почитување и духовна блискост.

