Вечерва од Бигорскиот манастир се емитува во живо празничното бдение по повод манастирската слава – Отсекувањето на чесната глава на Свети Јован Крстител, во чии рамки ќе се одржи и монашењето на тројца нови монаси.
Монашкиот потстриг на тројцата кандидати ќе го изврши митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј, кој ќе претстои на празничното бдение.
Тројцата кандидати се духовни чеда на игуменот на Бигорската обител, епископот Антаниски Партениј. Со монашкиот потстриг тие вечерва ќе го започнат својот монашки живот и подвиг во Бигорскиот манастир, посветувајќи се на молитвата и служењето на Црквата.
Празничното бдение ќе биде збогатено и со учеството на хорот за источно-православно пеење „Свети Јован Кукузел“ од Тирана, Албанија. Хорот во Бигорски пристигнува со благослов на архиепископот Тирански, Драчки и на цела Албанија Јован.
Целото празнично бдение, како и чинот на монашење на тројцата нови монаси, гледајте ги вечерва во живо на Религија.мк.

