Јорданските безбедносни сили уапсиле тројца осомничени за смртоносниот вооружен напад врз грчката православна црква „Свети Ѓорѓи“ во селото Хамуд, во областа Карак. Во нападот, извршен за време на погреб, загинале девет лица, а 25 биле повредени.
Апсењата биле извршени во раните утрински часови, во безбедносна операција на јорданските сили, соопштиле надлежните власти и државните медиуми.
„Ги уапсивме убијците. Ги истражуваме сите околности што ги навеле овие млади луѓе кон екстремизам и ќе обезбедиме секој за кого ќе се утврди дека е вмешан да одговара“, изјавил јорданскиот министер за внатрешни работи, Мазен ал-Фараја, во објава на социјалната мрежа Икс.
Според јорданската државна телевизија, тројцата осомничени биле пронајдени во напуштена куќа во областа Карак, каде што се случил нападот. Сите тројца биле ранети во престрелка со безбедносните сили, додека меѓу припадниците на силите за безбедност немало повредени.
Нападот се случил во петокот, на 23 октомври, кога вооружени лица влегле во црквата „Свети Ѓорѓи“ во Хамуд и отвориле оган врз верниците собрани на погреб. Според официјалните податоци, девет лица го загубиле животот, а 25 биле повредени. Нападот е оценет како досега невиден чин на насилство врз христијанската заедница во Јордан.
Јорданскиот крал Абдула II остро го осудил нападот, нарекувајќи го терористички чин. При посетата на повредените во Карак, тој ветил дека одговорните ќе се соочат со најстроги казни.
По нападот, Јордан прогласил тридневна национална жалост, почнувајќи од петокот. Знамињата на владините згради и јавните институции биле спуштени на половина копје.
Областа Карак има околу 375.000 жители и значајна христијанска заедница. Христијаните сочинуваат околу три проценти од вкупното население на Јордан, кое брои приближно 11 милиони жители, а мнозинството од населението се сунитски муслимани.

