Националната богослужба на Евангелската црква во Македонија, по повод Денот на Реформацијата, на 1 ноември ќе се одржи во Велес. За првпат овој национален собир ќе биде организиран надвор од Скопје, а домаќин ќе биде Евангелската црква во Велес.
Богослужбата е закажана за недела, 1 ноември 2026 година, со почеток во 12 часот, во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес.
Според најавата на Евангелската црква во Македонија, станува збор за трет национален собир од ваков формат, на кој се собираат верници од локалните евангелски цркви од целата земја. Намерата е националната богослужба да се одржува секоја година и да прерасне во традиција.
Денот на Реформацијата – почеток на протестантското движење
Денот на Реформацијата се одбележува на 31 октомври и е еден од најзначајните датуми во историјата на протестантското христијанство.
Датумот е поврзан со 31 октомври 1517 година, кога германскиот теолог и монах Мартин Лутер ги објавил своите 95 тези, со кои ги критикувал одредени практики и учења на тогашната Римокатоличка црква. Настанот се смета за еден од клучните моменти што го поттикнале развојот на протестантската реформација во Европа.
Реформацијата довела до создавање и ширење на различни протестантски традиции, меѓу кои лутеранството, реформираните цркви и подоцнежните евангелски движења. Нејзиното историско влијание ги надминало црковните граници, оставајќи белег и врз европската култура, образованието и општествениот развој.
Во Македонија, евангелско-протестантските цркви се дел од верскиот живот на земјата, а нивните заедници го одбележуваат овој ден како потсетување на сопственото историско и духовно наследство.
Прашањето за официјалното признавање на Денот на Реформацијата во Македонија беше отворено и во 2019 година.
Тогаш Евангелско-протестантската иницијатива (ЕПИ), која обединуваше 11 регистрирани евангелско-протестантски цркви, побара 31 октомври да биде прогласен за празник на евангелско-протестантските христијани во земјата.
Во иницијативата беше наведено дека евангелско-протестантските христијани повеќе од 150 години се дел од верската историја и култура на Македонија и дека официјалното признавање на празникот би било потврда за нивниот придонес во развојот на општеството и за мултирелигиозниот карактер на државата.
Оваа иницијатива сепак не резултираше со законско прогласување на 31 октомври за празник на евангелско-протестантските христијани.

