Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, и реисул-улемата на Исламската верска заедница, Х. Хафиз Шаќир еф. Фетаи, како и Скопскиот монсињор Бискуп Киро Стојанов, присуствуваа на свеченото одбележување на 35-годишнината од независноста и донесувањето на првиот Устав на Република Македонија.
На државната свеченост присуствуваа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Собранието Африм Гаши, претставници на државните институции, дипломатскиот кор и личности од политичкиот, академскиот и општествениот живот.
Во рамки на одбележувањето, во Собранието се одржа и меѓународен научен симпозиум посветен на 35-годишнината од донесувањето на Уставот, на кој професорот по уставно право Александар Спасеновски зборуваше за уставната положба на верските заедници.
Во фокусот на неговото излагање беше прашањето дали верските заедници можат да имаат различна уставна видливост, а истовремено да уживаат еднаков правен статус.
Спасеновски, анализирајќи ги уставните решенија од 1991 и 2001 година, парламентарните расправи и судската практика, посочи дека македонскиот уставен модел се развивал низ усогласување на историските традиции, религиската разновидност и меѓународните стандарди.
Неговиот основен заклучок е дека уставното признавање на историската улога на одредени верски заедници не значи и нивно правно привилегирање.
„Уставот може различно да ги препознава историските улоги на верските заедници. Но, државата не смее различно да ја мери нивната слобода“, порача Спасеновски.
Прашањето за уставната положба на верските заедници е особено значајно во контекст на Амандманот VII од 2001 година, со кој беше изменет членот 19 од Уставот и беше прецизирана уставната положба на Македонската православна црква, како и на другите верски заедници и религиозни групи.
Одбележувањето на јубилејот беше повод повторно да се отвори прашањето за односот меѓу државата, верските заедници, нивната историска улога и уставно загарантираната слобода и еднаквост.
Од Исламската верска заедница во соопштението по повод присуството на реисул-улемата Фетаи истакнаа дека учеството на овој државен настан претставува потврда за посветеноста на ИВЗ кон државата, нејзините институции и демократските вредности.
Од ИВЗ посочуваат дека јубилејот потсетува на историските моменти во кои била изразена граѓанската волја за независност, воспоставувањето на демократските институции и поставувањето на уставните темели на државноста.
Во соопштението се нагласува и улогата на верските заедници во унапредувањето на соживотот, толеранцијата и меѓусебното почитување, при што верската и културната разновидност се оценува како заедничко богатство на општеството.
„Исламската верска заедница, како институција со значајна духовна, образовна и општествена одговорност, продолжува активно да придонесува во изградбата на праведно, мирно и инклузивно општество“, се наведува во соопштението.

