Mитрополитот Пимен најави повлекување и враќање во манастир

Date:

Share post:

Европскиот митрополит на МПЦ-ОА, Пимен, денеска, на денот кога одбележува 21 година од својата епископска хиротонија, најави дека по завршувањето на активниот период би можел да се повлече од епископската служба и да се врати на монашки живот.

Во кратката порака објавена на Фејсбук по повод годишнината, митрополитот Пимен за првпат вака директно зборува за своето идно повлекување од активната служба.

„Минаа 21. Ако сум нашол милост пред Бога, белким уште 9 до пензија ќе тераме, после полабаво монашки како шо и тргнав“.„Слава на Бога за сѐ!“, напиша Пимен.

Тој притоа упатува и на генерацијата помлади монаси во МПЦ-ОА кои би требало да ја преземат службата и одговорностите што денес ги носат постарите архиереи.

„Има МПЦ помлади монаси да продолжат да ораат на Нивата Господова онаму каде што ќе застанам“, наведува европскиот митрополит.

Митрополитот Пимен беше хиротонисан за епископ Полјански на 2 октомври 2005 година, во црквата „Света Софија“ во Охрид, во рамките на празнувањето на Соборот на сите македонски светители.

„Се собравме во Црквата Света Софија во Охрид, во Црквата на Охридските и Македонски архиепископи, повторно, после повеќе од двесте години, смирено да го посведочиме непрекинатото апостолско преемство и Божјата Промисла за нас, за нашето посебно црковно постоење. Се собравме да докажеме дека постоиме како жива Црква и народ. Како жива Црква која раѓа нови епископи, нови пастири, кои како низ историја така и сега, нема да го остават својот народ како наемници, туку како добри пастири ќе бидат спремни душата своја да ја положат за овците свои, подобно на Добриот Пастир од параболата Христова. Да ја положат душата своја и со тоа да го оправдаат вашето достоен, изговорено денес тука, а и на секоја хиротонија. Ви благодарам вам што од разни страни притекнавте со различноста на вашите личности во возраст, пол, евокација, националност, да го збогатите овој собор. Ви благодарам затоа што гледајќи ве, уште еднаш ми се потврдува вистината дека епископството треба да се подразбира онака како што го подразбирал и Светиот апостол Павле кога рекол: секому бев сè та некако да го придобијам. Токму овие зборови на Светиот апостол ми го даваа оној елан сиве овие години да се трудам и овие зборови во дело да ги спроведам. Верувам дека плод на тоа е и оваа доверба што ми ја дава Светиот Архиерејски Синод на МПЦ, а и вашата доверба што денес ја потврдивте со вашето присуство тука. Ви благодарам Вам, браќа архиереи, за дадената доверба и јас да се причислам кон Вас, нашите архипастири. На мојот духовен отец митрополитот Наум, а од утре и сотрудник на нивата Христова, затоа што духовно ме роди, благодарност и ветување дека нашата взаемна доверба и соработка ќе продолжат и ќе дадат плод на почвата на МПЦ, затоа што таа почва е натопена со крвта на светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици по чии молитви го добивме и негуваме дарот на соборноста“, изјави во 2005 година, отец Пимен на неговата хиротонија.

Една година подоцна, на 6 април 2006 година, беше поставен за администратор на Македонската православна епархија за Европа, а во јуни истата година Светиот Архиерејски Синод го постави за митрополит Европски.

Пимен е замонашен во 1997 година во Водочкиот манастир, а пред да стане епископ бил игумен и архимандрит.

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img