Агенцијата за национална безбедност денеска соопшти дека заедно со Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство презема активности против пропагандна мрежа во земјава која има „деструктивна и малициозна агенда“ и влијае врз јавниот дискурс во корист на странски, поточно Руски интереси.
Според АНБ, пред две седмици, на 18 септември годинава биле преземени истражни дејствија против македонски државјанин кој бил „надоврзан на странски фактори кои се креатори на пропаганден апарат со мрежа на портали интегрирани и во македонскиот медиумски простор“. АНБ не го соопштува неговиот идентитет.
Во неговиот дом бил извршен претрес и биле одземени предмети кои се вештачат. Според Агенцијата, постои основано сомнение за три кривични дела: „Предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост“ од член 319, „Одавање службена тајна“ од член 360 и „Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ од член 394-г од Кривичниот законик.
Во соопштението од Агенцијата се тврди дека „вистинските актери“ зад мрежата се прикриваат преку клонирани псевдопортали регистрирани со македонски интернет-домени и дека целата операција е „во функција на руските интереси“.
„Вистинските актери на оваа пропагандна мрежа која е во функција на руските интереси, се кријат преку клонирани псевдо-портали регистрирани со македонски интернет домен. Преку овие псевдо-портали се шират лажни вести, дезинформации и се врши преобликување на наративи за актуелни настани, со што се поткопува довербата во институциите и се поттикнува етничка и национална омраза и нетрпеливост“, соопшти АНБ.
Како што додаваат оттаму, овие активности се продолжение на „претходно попречените проруски хибридни активности на македонски државјанин, надоврзан на овие пропагандни мрежи, за кого беше поднесена и кривична пријава за Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем по член 394-г од КЗ“.
Агенцијата во соопштението потенцира дека во рамки на нивните надлежности ќе продолжат да преземаат активности за „детектирање и спречување на субверзивно-пропагандни активности преку мрежа на портали надоврзани на регионални проруски политички структури, со кои директно се поткопуваат стратешките евро-интегративни процеси на земјава“.
Македонските медиуими (360 степени, Фокус) и претходно пишуваа за случаи за ширење пропаганда под странско влијание во кои главна улова имаше бугарската Фондација Македонија и нејзиниот претседател Виктор Стојанов, кој сега е персона нон-грата во земјава.
Од Фондацијата подоцна не криеја дека финансиски поддржуваат медиуми во Македонија. Во соопштение објавено на букарската агенција bta.bg во јули годинава, Стојанов реагираше на информациите дека македонските институции истражуваат околу дваесет онлајн медиуми и комуникациски канали.
Според него, станува збор за „лажни истраги насочени против независните граѓански медиуми во Северна Македонија, чија цел е да ѝ овозможат на владата незаконски да ги апси и кривично да ги гони нивните уредници и новинари“.
„Целта на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија е да поттикне говор на омраза против Бугарија и да ги разгори тензиите меѓу двете општества преку насилно затворање на единствените слободни, граѓански медиуми во земјата“, се додава во тоа соопштение на Стојанов.
Во август годинава, неделникот Фокус објави дека АНБ и МВР истражуваат мрежа од дваесетина медиуми и комуникациски канали, меѓу кои покрај онлајн-медиуми, има и јутјуб-канали, фејсбук групи и инстаграм-профили каде што преовладуваат пробугарски и антимакедонски содржини. Во написот на Фокус се вели дека Стојанов и јавно говорел и за собирање средства за финансирање медиуми во Македонија и за политичко организирање на Бугарите во земјава.

