Ние добиваме уште една предозираност со тешки манипулации на историска тема во предизборна кампања, патриотарски популизам, емисии по телевизиите и сомнителен триумф
Пишува: Чавдар Мариов (ФБ статус)
Ниту ракијата не успеа, но има едно нешто што е во состојба да ги обедини „прогресивците“ и антикомунистите, националистите и либералите: консензусниот евергрин – Македонија, особено коските на Самуил.
Во таа смисла, да одбележам неколку работи: прво, ова е одамнешна ченгеска игра меѓу Софија и Атина – со јасна цел да му се натрие носот на Скопје. Божидар Димитров беше особено активен во нејзиното легитимирање со псевдоисториски аргументи за некаква длабока врска на Самуил со (Св.) Софија, а синот на Хајтов не случајно го курдиса оној со светлечките очи.
Така што, меѓу „заслужните“ далеку од тоа да се само Кирил Петков и Асен Василев – едноставно и тие, како и Плевнелиев, ја прифатија идејата од целосна глупост и популизам.
Иако заедничкиот интерес на Грција и Бугарија беше јасен, трансферот на коските се соочуваше со сериозна пречка: грчката страна (вклучително и Цариградската патријаршија) инсистираше за возврат да бидат вратени старини и ракописи ограбени за време на Првата светска војна од територијата на Северна Грција – пред сè од манастирите „Тимиу Продрому/Свети Јован Предвесник“ кај Серес и „Панагија Икосифиниса/Косиница“ во Пангeј кај Кавала.
Особено околу последниот се разви сериозна меѓународна кампања за репатријација на предметите (види ги подолу фотографиите од неговиот влез – сепак, има некои неточности во информациите).
Денес тие главно се во Софија (НИМ, Центарот за славјано-византиски проучувања), но некои на мистериозен начин стигнале дури до библиотеки и приватни колекции во Принстон, Дјук и други места.
Се зборува дека Божидар Димитров лично подарувал (или тргувал со) артефакти од манастирите – мила родна патриотска слика – но тоа е непотврдена информација.
Досега бугарските власти одбиваа да ги вратат реликвиите, а академски научници беа ставени во погон за да измислуваат апсурдни аргументи.
Според малоумниот директор на НМИ, не можело да ѝ се вратат на Грција, затоа што во средновековието не постоела држава Грција – додека постоела државата „Бугарија“, и Самуил требало да ѝ биде „вратен“.
Според заменик-претседател на БАН, Бугарите не ги ограбиле манастирите, туку испратиле „сериозен“ специјалист, „византолог“, да ги собере (чешкиот пропагандист Владимир Сис…).
Во меѓувреме, во самата Грција археолозите веќе сметаат дека ниту базиликата „Свети Ахил(иј)“, ниту коските пронајдени во неа се поврзани со Самуил.
На крајот, Атина и во двата случаи не губи ништо. Напротив – добива (слично како нашите ченгета, дипломати и политичари) дополнително влошување на односите Софија–Скопје, а пред сè – евентуално враќање на (дел од) предметите од Северна Грција: се предвидува потпишување договор меѓу министерствата за култура на двете земји, чија содржина сè уште не ја знаеме.
Ние добиваме уште една предозираност со тешки манипулации на историска тема во предизборна кампања, патриотарски популизам, емисии по телевизиите и сомнителен триумф (околу веројатно менте) – но кој си е глуп, си е глуп.
Оттука натаму, спорот дали овие коски требало да бидат во Софија, во Солун, или да останат на самиот остров „Аил“ (со тоа означувајќи ги симболичните граници на Мајка Бугарија…) или, пак, на друго место, ми се чини целосно излишен.
Белким двата симпатични манастири (барем двапати разорувани од нас) ќе си ги добијат своите предмети.

