Има една стара поговорка. Вели, со тоа што ќе го храниш народот, тоа ќе ти истури врз глава.
Пишува: Марјан Николовски
Деновиве во Охрид се одржува православно-протестантска конференција на која свештеници, теолози и професори од двете конфесии имаа можност да зборуваат за своите перспективи на тема евангелизација и мисија. Настанот, колку што мене ми е познато, е организиран со поддршка на една од западните амбасади во Скопје.
Местото каде што се одржува е Охрид, центар на христијанството на овие простори, достојно и пријатно место. На конференцијата учествува и митрополитот Георгиј, во чија епархија, Дебарско-кичевска, практично се одржува овој настан. Митрополитот Георгиј е човек кој има исклучително добри релации со Римокатоличката црква и со претставниците на евангелиските цркви, стекнати што како еминентен теолог, што како поранешен амбасадор на Македонија во Ватикан. Неговите ставови во поглед на христијанскиот дијалог се исклучително полезни, иако епархијата досега не извести за овој настан, што малку е невообичаено.
Но, и покрај овој, корисен, добар и значаен дијалог меѓу христијанските конфесии, сепак во заднина се случува нешто многу опасно, невообичаено и штетно за христијанските вредности. Тоа се реакциите на т.н талибански верници по социјалните мрежи, но за жал и одредени зилотски структури (иако тие се и далеку од Зилоти, бидејќи Зилотите тоа што го проповедаат и го практикуваат) во самата црква.
На оваа конференција гостин е и отец Ивица Тодоров, од црквата Свети Петар и Павле во Скопје. Тој на Фејсбук сподели фотографија од настанот, која повлече стотици реакции. Најголем дел од нив се осудувачки, заканувачки, омаловажувачки. Јас нема да ги пренесувам сите, но ќе издвојам само неколку: „Секта, рацете подалеку од светата МПЦ-ОА.“ „Сите понови Светители се многу јасни околу екуменизмот, дека тој е најпроклет ерес, поголемо и од аријанството како ерес. Така што Отец или сте верни на Спасителот и ќе страдате како што пострада и Он или ќе бидете верни на светот и антихристот. Сите секти се од антихристот, односно од ѓаволот, кога го знаете и вие тоа што барате со тие секти???!“ „Волци во овча кожа.“ „Отец Ивица Тодоров, додека се смешкате заедно со секташите на нашите коментари, внимавај твоите духовни чеда и верниот христијански народ кој доаѓа во Црквата Свети Петар и Павле во Ѓорче Петров, да не ти фрли анатема. Зошто резервна Црква немаш, тоа во Велес е секта еретичка.“ Тоа се само дел од над 200 коментари на таа фотографија.
И сега што правиме? Некои пријатели ми велат види какви верници имаме? Што да видам? Јас многу добро знам какви верници има МПЦ-ОА и зошто тие верници се такви, бидејќи речиси пет години јас се соочувам со истите, многупати и далеку поопасни и посериозни реакции за најголем дел од моите пишувања на Религија.мк. Е, ама кога јас се соочувам со такви реакции, свештениците на МПЦ-ОА молчат. И не само што молчат, туку и честопати одобруваат и поттикнуваат такви реакции.
Но, да разјасниме. Тие реакции не се случајни. Напротив тие реакции се резултат на она што изминативе пет години се случува во црковниот простор и се поттикнати токму од дел од клирот на црквата, кој речиси секојдневно ги храни истите тие верници со ова што сега им се враќа како бумеранг. Кога јас постојано зборувам дека некој овде гради црковна јавност надоена со руска црковна пропаганда, а наидувам на црковно-судски прогони поради тоа, тогаш логично е таа истата јавност, што на ваков начин ја храните, да ви возврати кога нешто поинакво ќе кажете. Бидејќи, тој наратив за еретици, секти, некакви закани за уништување на православието, за опасниот екуменизам …, се тоа е руски црковен наратив, кој токму дел од клирот на МПЦ-ОА го промовира во Македонија, споделува и афирмира.
Токму политичката теологија на Руската црква е тоа – оцрнување на западните вредности, на западната политика, а со тоа и на западната црква, како нешто грешно, неморално, неетичко, како општество без вредности, кое сака да го направи истото и во нашето општество. Знаете кој е браникот на тоа? Руската црква и нејзините вредности, бидејќи нели тие се најисправни. А, кога плукате по западните вредности, вие плукате и по протестантските цркви, бидејќи тие се дел од тие општества.
И потоа сосема логично е оној кој сте го хранеле со такви ставови, да ве праша што вие барате таму?
Има една стара поговорка. Вели, со тоа што ќе го храниш народот, тоа ќе ти истури врз глава.

