Обидот на опожарување на објектот на Еврејската заедница и синагогата „Бет Јаков“ претставува удар врз мирот, стабилноста и соживотот, оценува Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи и лидерите на петте верски заедници застапени во Уставот на државата.
Осудата за инцидентот беше искажана на денешната заедничка прес-конференција, на која погаварите истакаа дека секое посегнување по туѓата светиња, без оглед на која верска заедница ѝ припаѓа, значи нарушување на основните вредности на почит, слобода и човечко достоинство.
Директорката на Комисијата, Оливера Трајковска, вели дека изразуваат осуда по повод немил настан што се случи во раните утрински часови на 12 април и изразуваат солидарност и поддршка кон Еврејската заедница.
Претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви, истакна дека изразуваат реакција, која истовремено е осуда и знак на поддршка бидејќи во Македонија верските заедници негуваат долгогодишна соработка, конструктивен дијалог и меѓусебна поддршка на секое поле.
Одговарајќи на новинарско прашање, од една страна, тој рече дека нема нови елементи во врска со немилиот настан, ниту инсистираат да ги добијат во интерес на истрагата, а од друга, посочи, важно ни е да се фатат сторителите, меѓутоа не е есенцијално.
„Не знаеме дали се терористи или се хулигани, но факт е ‘Исламската држава’ – ИСИС имаше проглас за Велигден да се палат христијанските и еврејските верски објекти. Дали е тоа резултат на тој повик или е нешто друго, полицијата ќе утврди“, рече Леви.
Тој изрази надеж дека полицијата има повеќе податоци и верува дека во корен ќе се сузбијат сите вакви верски нетрпеливости кои се шират меѓу младите, меѓу недобронамерните.
Поглаварот на Исламската верска заедница, реис ул улема Шаќир Фетаху, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека во рамките на ИВЗ и меѓу сите верници од исламската вероисповед нема никаков проблем во врска со верските заедници, со верниците.
„Најодговорно тврдам дека соживотот во Македонија убаво се развива и нема никаков проблем. Верските заедници заедно со Комисијата внимаваат на тоа како се развива соживотот и се залагаме соживотот и толеранцијата да бидат на највисоко ниво. Сметам дека вакви елементи не потекнуваат од ниедна религија во Македонија. А кои се и што се тие, нашите институции, кои се одговорни за тоа, треба да ги најдат сторителите“, рече реис ул улема, Шаќир Фетаху.

