МПЦ–ОА во Aвстралија: меѓу потенцијалот на дијаспората и наследените проблеми

Date:

Share post:

Канонската посета на српскиот патријарх Порфириј на Австралија за која известија голем дел од македонските црковни сајтови отвора простор за пошироко размислување за односот на православните цркви кон својата дијаспора. За Македонската православна црква – Охридска архиепископија, тоа е и повод да се согледа состојбата на сопствената заедница на Петтиот континент: нејзината духовна и организациска сила, но и последиците од децениските нерешени конфликти.

Пишува: Гастрабајтерот

Во извештајот за свечениот дочек на патријархот Порфириј во Мелбурн, во средиштето се наоѓаат пораките за заедништво, духовно охрабрување и зачувување на верата. Присуството на архиереи, свештенство, верници, културни друштва и дипломатски претставници покажува колку значење може да има една канонска посета за православна заедница далеку од својата матична земја.

Таквата посета не е доволна за да се заклучи дека сите внатрешни прашања се решени. Нејзината вредност е во непосредното пастирско присуство и во пораката дека дијаспората има важно место во животот на сопствената црковна заедница.

Токму тука повторно се отвора и долгогодишното македонско нерешено црковно прашање. Колку МПЦ–ОА го препознава потенцијалот на своите верници во Австралија и колку нејзините одлуки придонесуваат тој потенцијал конечно да се развива?

ЦРКОВНИТЕ ОПШТИНИ КАКО ТЕМЕЛ НА ЗАЕДНИЦАТА

Македонските православни храмови во Австралија се изградени и одржувани со трудот, дарувањата и приврзаноста на повеќе генерации иселеници. Околу нив се развивале црковни општини, културни активности и простори во кои македонските семејства ја одржувале врската со верата, јазикот и потеклото.

За првите генерации иселеници, храмот бил и место на припадност во новата средина. За нивните деца и внуци, тој останува можност да го запознаат православното предание и да ја разберат духовната страна на својот идентитет и истиот да го зачуваат далеку од својата родна земја.

Овој придонес има трајна вредност. Зад секој храм стојат конкретни луѓе, нивните жртви и нивната желба црковниот живот да продолжи и по нив. Затоа односот на матичната Црква кон австралиските заедници треба да ја земе предвид и нивната историја на самоорганизирање, како и одговорноста што верниците ја презеле за опстојувањето на храмовите.

Пастирскиот успех во таква средина секогаш зависи од способноста да се воспостави доверба меѓу органите на матичната црква и управата од црковните општини. Таа доверба е основа за секоја понатамошна духовна и организациска работа.

НАСЛЕДСТВО ШТО И ДЕНЕС ГИ ОПРЕДЕЛУВА ОДНОСИТЕ

Нажалост последните три децени македонската црковна реалност во Австралија  беше бранувана од долгогодишните судири и недоразбирања кои се јавија по доаѓањето на владиката Петар на митрополитското администрирање со тогашната Австралиска епархија. Во искуството на македонските црковни заедници, периодот по доаѓањето на митрополитот Петар во Австралија во 1995 година е поврзан со долготрајни спорови околу управувањето, имотите и односите со црковните општини, кои не донесоа ништо добро и ја уназадија македонската заедница и црква, која доколку одеше напред моментално требаше да биде една од најорганизираните православни цркви со оглед на бројноста на македонското православно иселеништво во Австралија и Нов Зеланд, кое е во поголем број од српските иселеници.

Во изминатите 31 година, овие конфликти оставиле последици што не можат да се сведат само на административни несогласувања. Тие влијаеле врз меѓучовечките односи, врз довербата во црковното раководство и врз подготвеноста на верниците за заедничко дејствување.

За заедниците што се чувствувале погодени, тоа бил период во кој значителна енергија се трошела на спорови и одбрана на сопствената положба. Таквата состојба неизбежно го стеснувала просторот за веронаука, работа со младите, духовно образование и развој на парохискиот живот – нешто што е видлив недостаток во споредба со останатите Помесни православни цркви, чии владици кои наместо кон имотното прашање енергијата ја насочуваа кон основање на цркви и манастири, парохии, колеџи и итн. Резултатите на сите тие години на администрирање, кои беа дозволени од Синодот се катастрофални и создадоа проблематично наследство, кое доправа ќе донесе нови проблеми. Поголем дел од тие проблеми се јавувале како резултат на клерикалистички побуди, како недоразбирање на правните модели, и за здобивање моќ за целосна управа на материјаните добра без контрола од црковните одбори и сл.

Од аналитичка перспектива, најважното прашање е како се надминува ова наследство. Од она што моментално гледаме е дека прво решавање на тамошните проблеми и недоразбирања се случи со основањето на Австралиско – сиднејската епархија. Решение кое гледано по повеќе од десет години постоење ги надмина проблемите кои го доживеаја својот врв. Моменталните случувања по смртта на владиката Тимотеј и по повлекувањето на владиката Петар и назначувањето на митрополитската позиција на г. Никола повторно го отвораат прашањето, бидејќи Синодот сеуште нема назначено архиереј на Сиднејската епархија, која е правно регистрирана пред австралиските институции. Брзиот избор на архиереј на едната, а игнорирањето на другата епархија предизвикува кај верниците чувство на нееднаква грижа и игнорирање, кое не буди враќање на довербата. Таа се обновува преку конкретни постапки: разговор со заедниците, јасно определени одговорности и доследно почитување на договорените правила.

ДВЕТЕ ЕПАРХИИ И ПОТРЕБАТА ОД СТАБИЛЕН ПОРЕДОК

Формирањето на Австралиско-сиднејската епархија во 2012 година  претставуваше значајна промена во организирањето на македонскиот црковен живот во Австралија. Во периодот на администрирањето од митрополитот Тимотеј, таа изгради сопствен епархиски живот и стана рамка во која нејзините заедници ја остваруваа својата припадност кон МПЦ–ОА.

Со оглед на деценискиот успех и ставањето во контрола на сите црковни заедници – денешното постоење на две епархии не треба да се смета за поделба, туку треба да се разгледува во контекст на реалните пастирски потреби, имајќи во предвид дека епархиите имаат оформени структури и различни искуства со управувањето и аналогно на тоа имаат различни усправни, статутарни и легистативни норми.

Оттука, бројот на епархиите сам по себе не е мерило за црковното единство. Две епархии можат да бидат дел од една Црква, да сослужуваат, да соработуваат и заеднички да ја извршуваат својата мисија. Нивната оправданост треба да се оценува според тоа колку успешно ги задоволуваат духовните потреби на верниците. И гледано од аспект на другите помесни јуриздикции Српската православна црква во Америка има повеќе од една епархија, а исто така и гркофоните заедници во Австралија се групирани во Митрополија со повеќе епархии од што гледаме дека организацијата на МПЦ-ОА не е исклучок.

Затоа според аналитичарите на овие прашања поврзани со дијаспората вистинската мерка за единството претставува квалитетот на односите меѓу заедниците и нивната заедничка припадност кон МПЦ–ОА. Административните промени имаат смисла кога придонесуваат за подобра пастирска грижа и кога постои доверба во начинот на нивното спроведување. Она што се покажало дека носи успех – треба да се надгради и унапреди со цел да не се отвори можност за поновување на старите проблеми, кои по се изгледа ќе им треба време и методологија да се надминат.

ПОТЕНЦИЈАЛ ШТО БАРА ПОГОЛЕМО ВНИМАНИЕ

Македонската православна заедница во Австралија располага со епархии, храмови, свештенство, активни црковни општини и луѓе подготвени да вложуваат во нејзиниот развој. Богослужбите, веронауката, издавачките и информативните активности, културните собири и добротворната работа покажуваат дека постои простор за богат и современ црковен живот.

Особено значајна е работата со поколенијата родени во Австралија. За нив, пристапот до верата често бара духовно образование и на англиски јазик, разбирлива комуникација и можност активно да учествуваат во парохијата. Зачувувањето на македонската традиција и отворањето кон нивните реални потреби можат да се развиваат заедно.

Во тој процес, матичната Црква има важна улога. Потребни се редовни контакти, посети, поддршка за свештенството и интерес за секојдневните предизвици на заедниците. Кога јавната слика за црковниот живот е постојано определувана од спорови, постои опасност младите да ја поврзат Црквата првенствено со конфликти. Надминувањето на таа слика бара видливи примери на соработка, духовна грижа и одговорно раководење.

МПЦ-ОА ПРЕД ПОТРЕБАТА ОД ЦЕЛОСЕН ПРИСТАП

Свечениот дочек на српскиот патријарх Порфириј во Мелбурн отвора важно прашање: зошто македонската црковна заедница во Австралија, по повеќе од три децении тешки искуства, сè уште чека целосно и правично консолидирање и организација за да може да го врати нивото и довербата помеѓу верниот народ. Додека Српската православна црква преку канонската посета на патријархот Порфириј го истакнува своето пастирско присуство во Австралија, за жал дел од македонската православна заедница сè уште чека целосно разрешување на сопственото прашање.

По се изгледа ќе биде потребно подолго време за да се обнови довербата нарушувана во изминативе 31 година. Во периодот што следува останува да се види каков пристап ќе заземе МПЦ-ОА кон македонските епархии на најоддалечениот континент. Брзиот избор на митрополитот Никола за Австралиско-новозеландската епархија, наспроти подолгото чекање за избор на архиереј за Австралиско-сиднејската епархија, несомнено отвора прашања за натамошното уредување на црковниот живот во Австралија.

Изборот на митрополитот Никола за Австралиско-новозеландската епархија отвори можност за ново поглавје во нејзиниот живот. Пред него се многу предизвици имајќи ги во предвид многуте модели на управа на црковниот имот во таа епархија. Сепак, состојбата на МПЦ-ОА во Австралија треба да се разгледува во целина, вклучително и преку потребите на Австралиско-сиднејската епархија.

Во тој контекст, останува прашањето зошто пред изборот не беше отворен поширок дијалог со сите македонски црковни заедници, во обид да се утврди заеднички прифатена насока за надминување на долгогодишните недоразбирања. Претходните разговори и консултации можеа да придонесат за поголема доверба и за појасна претстава за идното црковно уредување.

Долгорочната стабилност бара јасна перспектива за двете епархии. Изборот на архиереј во едната ја нагласува потребата од трајно пастирско решение и во другата, чии верници исто така очекуваат свој епархиски архиереј и и редовна архиерејска грижа.

Канонската посета на патријархот Порфириј ја нагласува важноста на непосредното присуство на црковното раководство меѓу верниците во дијаспората. За МПЦ–ОА, тоа е повод да го насочи вниманието кон сопствените заедници, да ги слушне нивните потреби и очекувања и за извлекување поуки од досегашното искуство.

Од она што е јавно видливо е тоа дека македонскиот црковен живот во Австралија има сила за развој. За таа сила целосно да се изрази потребна е еднаква пастирска грижа, стабилен епархиски поредок и обновена доверба меѓу матичната Црква и верниот народ. Начинот на кој ќе се одговори на потребите на Австралиско-сиднејската епархија ќе биде еден од најважните показатели за тој однос.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img