Митрополитот Aвстралиско-новозеландски Никола почна иницијатива за продлабочување на соработката меѓу Македонската православна црква – Охридска архиепископија и македонските културни, спортски и општествени организации во Австралија.
Во рамките на иницијативата, митрополитот Никола остварил работна средба со Ромео Георгиев, претседател на Македонското културно-уметничко друштво „Јане Сандански“. На средбата се разговарало за можностите за заеднички културни настани и проекти, како и за поттикнување на младите да го негуваат македонскиот јазик, фолклорот и традицијата.
Според соопштението на Епархијата за Австралија и Нов Зеланд, иницијативата предвидува низа средби со претставници на македонски културно-уметнички друштва, фудбалски клубови, општествени здруженија и други организации што дејствуваат меѓу македонската дијаспора.
Целта е да се зајакне соработката меѓу Црквата и организациите што работат на зачувување на македонскиот национален, духовен и културен идентитет, како и да се поттикне заедничкото дејствување за пренесување на јазикот, верата и традицијата на помладите генерации.
Епархијата наведува дека останува отворена за соработка со македонските организации и здруженија во Австралија, со намера да се зацврстат врските во македонската заедница и да се развиваат заеднички активности.

