Епископот Јаков Стобиски од Македонската православна црква – Охридска архиепископија учествуваше во празничната Божествена литургија по повод празникот на Света Параскева, што на 14 октомври беше отслужена во романскиот град Јаши. На едно од најголемите православни поклоненија во Романија, според организаторите, до утрото на празничниот ден пристапиле над 180.000 верници за да се поклонат на моштите на двајцата светители.
Епископот Јаков сослужуваше со архиереи од Романската, Вселенската, Антиохиската и Грчката православна црква. Со Литургијата, отслужена на отворен олтар во близина на Митрополитската катедрала, претседавал митрополитот Димитриј Француски, егзарх на Европа, како претставник на Вселенската патријаршија. На богослужбата присуствувале над 28.000 верници, а во литургиското сослужување учествувале вкупно 28 архиереи од Романија и од други земји.
Покрај епископот Јаков Стобиски од МПЦ – ОА, сослужувале митрополитот Теофан Молдавски и Буковински, митрополитот Георгиј Китроски, Катерински и Платамонски, како претставник на Црквата на Грција, и епископот Кајс Ерзурумски од Антиохиската патријаршија, заедно со архиереите на Романската православна црква.
Годинава, поклонението имаше посебно значење бидејќи верниците имаа можност да се поклонат не само на моштите на Света Параскева, туку и на моштите на Свети Паисиј од Сихастрија, романски монашки подвижник, кои биле донесени од истоимениот манастир во округот Неамц. Моштите на двајцата светители биле поставени под посебно изграден натстрешник во близина на катедралата.
Романската новинска агенција АГЕРПРЕС објави дека во ноќта пред празникот редицата верници достигнала должина од околу пет километри, а некои од поклониците чекале и до 17 часа за да пристапат до моштите. Поради големиот интерес, организаторите одлучиле тие да останат достапни за поклонение на отворено сè додека продолжува пристигнувањето на верниците.
Празничната програма започнала на 8 октомври, со свеченото изнесување на моштите на Света Параскева од катедралата. На 14 октомври биле отслужени празнични богослужби и прочитан акатистот посветен на светителката, а по Литургијата верниците продолжиле да се поклонуваат на моштите.
Света Параскева живеела во XI век и потекнувала од Епиват во Тракија, во близина на Константинопол. Нејзините мошти се чуваат во Јаши од XVII век, а празникот на 14 октомври секоја година привлекува верници од Романија и од други православни земји.

