На 11 октомври во црквата „Света Злата Мегленска“ во Соботско, во Грција сослужувале архимандритот Никодим Царкњас, и двајца свештеници на МПЦ-ОА, протоереите Стеван Груевски и Гоце Вељановски.
Според информациите што ги објави организацијата на обединетите Македонци од Канада, ова е прва богослужба во овој храм отслужена со поранешниот клирик на Грчката црква, Царкњас и свештеници на МПЦ-ОА.
Во веста, проследена и со фотографии пишува дека верниците од црковната заедница во Соботско им приредиле срдечен прием на гостите, со изведување стари македонски песни што се пренесуваат од генерација на генерација меѓу локалното македонско население.
-Црквата Св. „Злата Мегленска“ го покажа сиот свој сјај со прекрасните фрески и икони, како и завршен длаборез направен од македонски длаборесци. Гостинските свештенослужители беа испратени со желби за скорешно повторно сослужување во прекрасната Македонската православна црква Св. „Злата Мегленска“, стои во објавата.
Храмот „Света Злата Мегленска“ го изградил во Царкњас, кој порано беше клирик на Грчката црква, а подоцна расчинет од нејзе.
Двајцата свштеници од Македонија се дел од Преспанско-пелагониската епархија. Засега нема информации дали нивното присуство е самоиницијативно или со благослов на МПЦ-ОА.

