Дали владиката Петар ги префрли имотите?

Date:

Share post:

По изборот на новиот митрополит во Австралиско-новозеландската епархија, време е јавноста да добие јасен одговор што се случува со јавниот црковен имот

Пишува: Кире Циревски

Пред извесен период пишував за таканаречениот закон за старателство и за моделите како правно се регистрирани црковните имоти во Австралија, а сега ќе се осврнам на црковните имоти кои се запишани и се водат на име на владиката Петар и свештениците од неговата епархија.

Таканаречениот закон за старателство на имотот и прашањата за црковните имоти во Австралија

Во јавноста низ годините веќе беа објавени документи кои покажуваат дека најмалку четири црковни имоти биле регистрирани на физички лица, а не на име на епархијата, локалната црковна општина или друг црковен правен субјект. Ова отвора сериозни прашања за начинот на кој се водел и управувал црковниот имот.

АНАЛИЗА НА ДОСТАПНИТЕ ИМОТНИ ЛИСТОВИ НА ИМОТИ КОИ ВОДАТ НА ИМЕ НА ВЛАДИКАТА ПЕТАР КАРЕВСКИ, СВЕШТЕНИЦИТЕ ЈОВИЦА СИМОНОВСКИ И ТОНИ ГУЛЕВ

Од имотните листови, кои ги поседуваме од 2012 година, во кои се презентираат непобитни факти од официјалните државни имотни регистри во Австралија (Land Registry Search Statements), се гледа следната состојба со сопственоста на клучни црковни објекти:

Случај со имотот во Сиденхам, Мелбурн (Раѓање на Пресвета Богородица)

Доказ (Имотен лист): Volume 09361 Folio 679 / Street Address: 1-3 Pecks Road, Sydenham VIC 3037

Правна состојба: Според официјалниот извод од државниот регистар на Викторија, под графата сопственици во полна сопственост (Registered Proprietor / Estate Fee Simple) се впишани исклучиво физички лица: Петар Каревски, Јовица Симоновски и Тоне Гулев како заеднички сопственици (Joint Proprietors)

Заклучок: Во државниот регистар на земјиште, овој имот правно не се води на епархијата, ниту на локалната црковна општина, туку како приватна заедничка сопственост на три физички лица

Конзистентност на сопственичкиот модел во други австралиски држави Дека ова не е изолиран случај, туку воспоставен систем на менаџирање со имотите, потврдуваат и официјалните документи за други црковни имоти во сојузните држави Нов Јужен Велс и Јужна Австралија:

2 – Св. Богородица Пречиста – Ливерпул, Сиднеј

Имот во Нов Јужен Велс (Folio: AUTO CONSOL 10673-236): Како сопственици во првиот распоред (First Schedule) се наведени истите физички лица – Петар Каревски, Јовица Симоновски и Тоне Гулев во својство на заеднички сопственици (Joint Tenants)

3 – Црква Собор на Пресвета Богородица –  Аделаида

Имот во Аделаида, Јужна Австралија (Volume 5477 Folio 51): Имотниот лист од Канцеларијата за земјишни книги во Аделаида ги регистрира истите три лица: Петар Каревски, Јовица Симоновски и Тоне Гулев со клаузула „with no survivorship“ .

Ако внимателно ги разгледате документите ќе увидите дека во ниту во еден од овие официјални документи не стои името на Епархијата, на трастот, на МПЦ или на локалните црковни општини. Пред законите на Австралија, овие лица тогаш се запишани како единствените легални сопственици и тие само можат да го заложуваат или пренесуваат имотот.

4 – Истиот случај е и во манастир Св. Прохор Пчински – Донебрук, Мелбурн

Моментално немам нови сознанија, дали во меѓувреме се случила промена во имотната сопственост на овие цркви и нивното владение на овие имоти, дали се сеуште на овие лица или преминале во некој друг модел на сопственост.

Не можејќи да профункционира Законот за старателство, Владиката Петар своите имоти кои ги води на негово име и на името на некои свештеници можел да ги префрлува и да организира корпорации како тој што сака. Ваквите постапки на владиката Петар и индиферентниот однос на САС на МПЦ во минатото не даваат многу надеж за надминување на овој наметнат проблем, но со оглед дека сега има нов владика се прашуваме на кој начин ќе успее да го разреши ова прашање околу имотите и како истите ќе се префрлат, дали на епарахијата, дали на трастот или пак назад на црковните општини на кои во реалноста им припаѓа имотот  или пак на личното име на новиот владика?

Важно е јавноста да знае дека австралиските државни регистри на земјиште по правило не дозволуваат запишување на приватни договори за траст (trusts) директно во имотниот лист. Тоа значи дека дури и ако постои некаков внатрешен црковен или приватен договор за доверителство, тој е невидлив за јавноста. Единствен начин да се докаже дека имотот е навистина заштитен во интерес на народот и епархијата е јавно објавување на договорите за траст и корпоративните структури на новите епархиски тела.

На Епархиското собрание од 12 јануари оваа година, пред да биде избран новиот владика беше донесена едногласна одлука секоја црква, парохија и манастир да го префрли својот имот во Траст (доверителство) на Корпорацијата на Македонската православна црква – Епархија за Австралија и Нов Зеланд, со образложение дека на тој начин имотот ќе биде заштитен од евентуални судски постапки и злоупотреби.

Доколку оваа одлука навистина е спроведена, јавноста има право да знае дали сите црковни имоти се префрлени во тој траст, или пак  само дел од нив? Дали, по повикот на Епархиското собрание, црковни општини ги префрлиле своите имоти во трастови во кои директор или лице со управувачки овластувања е поранешниот администратор, владиката Петар? Не ни е познато и дали до сега е извршена промена во управувачката структура на траст корпорацијата со оглед што од март е назначен нов владика.

Ова не е прашање на лични несогласувања, туку на транспарентност и отчетност. Верниот народ има право да знае како денес се води црковниот имот, кој правно управува со него и дали по промената на епархискиот архијереј биле извршени сите потребни правни усогласувања. Најдобар начин да се отстранат сите сомнежи е јавно да се објави актуелната сопственичка и управувачка структура на сите црковни недвижности во Австралија.

Австралиско-македонската јавност и верниците кои со децении донираа и ги градеа овие светилишта имаат легитимно право да бараат одговори за нивниот заеднички имот.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img