Месечен финансиски надомест од околу 70.000 денари да добиваат тројцата архијереи на МПЦ-ОА, Јован, Марко и Јоаким, е решението што Синодот во полн состав го донел на седницата одржана на 23 јуни, како продолжение од седницата од мај месец, дознава Религија.мк од извори во Синодот на МПЦ-ОА.
По одржаната седница тогаш Синодот не излезе со соопштение, а јавноста до сега немаше информации за овие одлики.
Религија.мк, контактираше дел од владиците на МПЦ-ОА, кои ја потврдуваат оваа информација, но се разликуваат во констатацијата дали ова е преодно, или конечно решение. Едни велат дека ова е конечно решение за барањата што поранешните владици на ПОА ги поставија на дневен ред околу фукнционалноста на епархиите со кои управуваат и потенцираат дека прекројување на границите на епархиите нема да има. Од друга страна пак, некои владици велат станува збор за времено решение, кое треба да се додефинира на седница на Синодот закажана за во септември оваа година.
Како би функционирало ова решение, нашите извори посочуваат дека месечниот финансиски надомест би бил во форма на некаква плата за владиците. Парите ќе треба да бидат обезбедени од останатите епархии за двајца од владиците Марко и Јоаким. Додека пак за Јован, владиката Петар предложил тој од неговата епархија да ги плаќа овие средства, но го условил владиката Јован да го препише манастирскиот имот во Нижеполе. Нашите извори велат дека Јоваан соочен со влошената здравствена состојба и потребата од лекување, се согласил да го отстапи имотот. За таа цел била формирана и комисија, архиепископот Стефан, митрополитот Петар и секретарот на Синодот, епископот Климент заминале во Нижеполе за да се изврши примопредавањето на имотот. Но, според нашите информации се вратиле без договор. Монахињата која управува со манастирот одбила да го потпише договорот.
Синодската седница во септември, најверојатно повторно ќе ја отвори оваа тема.

