Со архиерејска литургија во соборниот храм „Свети Николај“ во Штип, МПЦ-ОА одбележа 20 години од епископската служба на митрополитот Брегалнички Иларион.
Литургијата на 1 ноември ја предводеше архиепископот Стефан, во сослужение со митрополитот Иларион, митрополитите Петар, Пимен, Јосиф, Григориј и Георгиј, како и епископите Јоаким и Јаков и свештенослужители на МПЦ-ОА.
На богослужбата присуствуваа директорката на Комисијата за односи со верските заедници, Оливера Трајковска, претставници на Брегалничката епархија, градоначалници од општините што ги опфаќа епархијата, пратеници, како и бројни верници.
Митрополитот Иларион е хиротонисан за епископ на 13 јули 2006 година, во соборниот храм „Свети Николај“ во Штип.
Претходно, на 29 јуни 2006 година, Светиот архијерејски синод го избра за епископ, со титула Баргалски. Во август истата година беше назначен за надлежен архијереј на Брегалничката епархија и добил митрополитско достоинство.
Пред Иларион со Брегалничката епархија управуваше Митрополитот Агатангел, кој во 2006 година, со изборот на Иларион за епископ, замина во Повардарската епархија, која остана празна откако во 2002 тогашниот митрополит Јован ја напушти МПЦ-ОА.









