Партениј во Пречиста: Современиот човек живее во врева, но ја губи внатрешната тишина

Date:

Share post:

Технологијата не е зло сама по себе, но човекот станува нејзин заробеник кога таа ќе почне да владее со него. Со оваа порака, но и со повик да не дозволуваат политичките разлики да ги претворат во непријатели, епископот Партениј им се обрати на верниците во манастирот Пречиста Кичевска.

Епископот Антаниски Партениј во неделата, 1 ноември, служеше литургија во манастирот „Пречиста Кичевска“, по што одржа духовна беседа и разговараше со верниците за предизвиците на современиот живот.

Говорејќи за Христовата парабола за Сејачот и семето, Партениј ја нагласи потребата човекот да го подготви своето срце за Божјото слово, но посебно се задржа на внатрешниот немир со кој, според него, се соочува современиот човек.

„Човекот денес живее во ужасна врева. Но ако имаме внатрешен мир и внатрешна тишина, надворешната бучава не значи ништо. Вистинската врева е онаа во нас – бурата од помисли со која сме се навикнале да живееме“, порача Партениј.

Тој ја истакна важноста на молитвата и духовното тихување, посочувајќи дека човекот постојано е преокупиран со минатото, иднината, грижите и осудувањето на другите, поради што ја губи способноста да го слушне Божјиот глас.

Во разговорот со верниците беше отворено и прашањето за влијанието на технологијата врз децата и младите. Партениј оцени дека технологијата сама по себе не е лоша, но предупреди на опасноста човекот да стане зависен од неа.

„Сè ми е дозволено, но ништо не сакам да завладее со мене. Денес, за жал, технологијата владее со многу луѓе“, рече епископот.

Тој се осврна и на политичките поделби во општеството, нагласувајќи дека тие не треба да бидат причина за омраза и отуѓување меѓу луѓето. Според него, Црквата треба да биде заедница што ги собира сите, а христијаните се повикани да сведочат за вистината, да го почитуваат достоинството на другиот и да придонесуваат за општото добро.

Одговарајќи на прашање на наставничка за психолошкиот притисок врз децата и образовниот систем во кој оценките често се поважни од знаењето, Партениј ја истакна улогата на родителите и учителите во воспитувањето.

„Учителите се како вајари на детската личност“, порача тој, повикувајќи ги просветните работници својата професија да ја исполнуваат со љубов и одговорност.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img