Кога молкот на епископите станува ветер во грб на говорот на омраза

Date:

Share post:

Нападите врз митрополитот Георгиј поради средбата со Вартоломеј во Рим ја отвораат и одговорноста на МПЦ-ОА за атмосферата во која мал број гласни профили се обидуваат да ја диктираат црковната политика.

Пишува: Марјан Николовски

Средбата на митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј со Вселенскиот патријарх Вартоломеј во Рим предизвика нов бран јавни напади од зилотските и русофилските кругови во Македонија. Наместо средбата на еден македонски архиереј со поглаварот на Вселенската патријаршија да биде повод за разговор за црковното единство, дијалогот и отворените прашања околу автокефалноста на МПЦ-ОА, таа повторно стана причина за навреди, дисквалификации и говор на омраза.

Веста за неговата средба со Вартоломеј беше објавена на голем број медиуми во Македонија, а споделувана и на социјалните мрежи. Речиси под сите постови на социјалните медиуми, одредена група го користи правото на коментари истурајќи навредливи, омаловажувачки, а на моменти и заканувачки пораки кон архијерејот на МПЦ-ОА. Ист е случајот и со фејсбук страницата на Дебарско-кичевската епархија, каде првично беше споделена веста. „Масон, цијашки агент на Вратоломеј“, „Владико измиј си ги рацете“, „Амбасадоре Ѓоко освести се!“, „Што ќе се случи кога нема да му остане ниту едно влаконо на брадата“, се само дел од коментарите на оваа фејсбук страница, постирани од лица кои континуирано низ социјалните мрежи шират иста, или слична пропаганда.

Веста е споделена и на фејсбук странциата на официјалниот црковен портал на МПЦ-ОА, Литургија.мк. И таму е идентична сликата. „Вчера стана владика, веднаш му се пушти во дипломатија“. „Не играј си го ѓаволот!’. „Ѓоко држи се подалеку од врагот“, стојат се уште коментари на фејсбук страницата на Литургија.мк. Забележително кај сите е што во обид да се омаловажи митрополитот, се користи и неговото световно име, а не монашчкото Георгиј.

Редица такви коментари има и на фејсбук страницата на Религија.мк, како и на другите фан страници на други медиуми, каде е објавена веста. Во оваа прилика издвојуваме еден таков конетар од фејсбук страница на еден медиум. Авторот на коментарот е Љубомир Настески, кој напишал: „Се сликал и се објавил!? „Избраниот“ за стабилизација, води дестабилизирачки активности.“

Но, ова не е само приказна за митрополитот Георгиј, ниту за неговата средба со Вартоломеј. Ова е приказна за една атмосфера што во македонскиот црковен простор се создава во последните две до три години, во услови на засилена русофилска пропаганда и сè поагресивни антихристијански наративи. И, уште повеќе, за одговорноста на оние што со години одбираа да молчат додека истите напади беа насочувани кон други архиереи и јавни личности кои се залагаа за продолжување на дијалогот со Фанар, меѓу кои и главниот уредник на Религија.мк.

Секој има право да има став за црковните прашања, да не се согласува со одредени одлуки и да ја критикува политиката на која било помесна црква. Но, критиката и говорот на омраза не се исто. Ниту несогласувањето со Вселенската патријаршија може да биде оправдување за лични напади врз архиереи кои разговараат со нејзиниот поглавар.

Тоа е суштинскиот проблем на актуелната атмосфера во македонскиот црковен простор. Во одредени кругови, секој обид за дијалог со Вселенската патријаршија се претставува како предавство, секој контакт со Вартоломеј како сомнителен чин, а секој што зборува за потребата од продолжување на процесот за автокефалноста се изложува на јавни дисквалификации.

Таквиот наратив не се појави одеднаш. Во последните две до три години тој доби поголема видливост, поттикнат и од засиленото присуство на русофилски позиции и пропагандни пораки кои Вселенската патријаршија ја претставуваат како противник на православието. Во таквата слика, црковните прашања се сведуваат на геополитичко надмудрување, а пропагандата која е иницирана во Москва, овде добиваше се поголема поддршка во црковните кругови внатре, тогаш кога на некои протагонисти од клирот на МПЦ-ОА им требаа политичко-популистички поени во јавноста, за да себе си се претстават како „патриоти, чувари на црквата, на македонштината на црквата, притоа фрлајќи ја на коцка суштинската потреба да се обезбеди достојна автокефалност.

Најпроблематично е што овој дискурс често се претставува како глас на православниот македонски народ, иако неговата видливост на социјалните мрежи не е доказ за неговата реална распространетост во општеството или во Црквата.

Молкот што се претвори во одобрување

Кога во изминатите години напади беа насочувани кон архиереи, свештеници или јавни личности кои зборуваа за потребата од продолжување на дијалогот со Фанар, одговорот на црковното раководство во голема мера изостануваше. Не беше доволно јасно и недвосмислено кажано дека несогласувањето со одредена црковна политика не дава право на навреди, демонизација и јавен линч.

Молкот не мора да значи согласување. Но, кога се повторува и кога нема јасна граница меѓу легитимната критика и говорот на омраза, тој лесно се доживува како премолчено одобрување. На оние што ги водат кампањите им остава впечаток дека можат да продолжат, а на оние што се нивна мета им испраќа порака дека се оставени сами да се справуваат со притисокот.

Така се создава опасен преседан: наместо црковните прашања да се решаваат преку разговор, аргументи и одлуки на надлежните црковни тела, се создава атмосфера во која секој што ќе излезе од однапред поставената линија ризикува да стане мета на организирани или меѓусебно поттикнувани напади на интернет.

Денес, кога на удар е митрополитот Георгиј, последиците од таа атмосфера веќе не се апстрактна појава што ги засега само другите. Тие се враќаат како бумеранг кон самата црковна хиерархија.

Посебно внимание заслужува прашањето колку навистина е голема групата што го наметнува овој дискурс.

На социјалните мрежи често се повторуваат истите профили, истите тези и истите квалификации. Нивната активност создава впечаток на масовно и едногласно расположение против Вселенската патријаршија и секој што одржува контакт со неа. Но, гласноста на една група не е исто што и нејзината општествена тежина.

Бројот на коментари, интензитетот на навредите и упорноста со која се повторуваат одредени пораки не можат сами по себе да бидат мерка за ставовите на верниците. Уште помалку можат да бидат основа за црковна политика.

Затоа, важно е да се разликуваат автентичните ставови на верниците од активноста на мал број гласни профили. Но, повторливоста на истите наративи и несразмерната видливост на одредени групи се доволна причина да се постави прашањето дали црковното раководство им придава преголемо значење на реакциите на социјалните мрежи.

Случувањата во Софија, каде што на протестот против Вселенскиот патријарх Вартоломеј се појавија десетина лица, покажаа дека „гласните“ против Вселенскиот патријарх не мора нужно да се претворат во масовен јавен отпор, што демострира дека дека интернет-впечатокот и реалната мобилизација можат значително да се разликуваат. Чудно, но истите профили кои сега плукаат по Георгиј, овде во македонскиот социјален простор дваа поддршка на истомислениците во Бугарија, кои ито така на Фејсбук ширеа гласна кампања против Вартоломеј, а кога се пребројија пред црквата Св. Александар Невски, нивната гласност беше замлкната од шепотот на верниците кои дојда да го поздрават Вартоломеј.

И затоа се наметнува логичното прашање: зошто црковните власти би дозволиле толку мал број гласни коментатори да создаваат атмосфера во која архиереите ќе се повлекуваат, ќе избегнуваат дијалог или ќе се воздржуваат од јавни ставови за важни црковни прашања?

Во овој контекст е значајно и однесувањето на бугарскиот патријарх Даниил. По неговата посета на Света Гора, на 25 октомври, по неделната богослужба во храмот „Света Недела“ во Софија, тој се соочи со верници кои јавно му реплицираа за време на неговото обраќање.

Наместо едноставно да го прекине разговорот или да ги игнорира, Даниил им одговори и се обиде да ги образложи своите ставови. Независно од тоа дали некој се согласува со неговите позиции, самото соочување покажува дека несогласувањето може да се третира како повод за објаснување, а не само како причина за повлекување.

Зошто епископите на МПЦ-ОА не би излегле пред верниците и отворено би објасниле зошто е потребен дијалогот со Вселенската патријаршија, какви се можностите, кои се пречките и што конкретно значи продолжувањето на процесот за автокефалноста? Зошто да не одговорат на критиките со аргументи, наместо да дозволат најгласните профили на социјалните мрежи да го определуваат просторот во кој е дозволено да се разговара за иднината на Црквата?

Црковниот авторитет не се чува со избегнување на непријатни прашања. Тој се гради со јасни ставови, одговорност и подготвеност да се разговара и со оние што не се согласуваат.

Кога веќе досега таквите постаоки изостануваа, еве случајот со митрополитот Георгиј нека биде повод за поширока расправа во МПЦ-ОА, затоа што сосема јасно е дека огромното мнозиство во Синодот, огромното мнозинство меѓу клирот на МПЦ-ОА, не го делат ставот на двајца или тројца архијереи, петмина или дестмина свештеници и стотина зилотизирани „верници“, околу тоа дали МПЦ-ОА е, или не е целосно автокефална црква. Не само за односите со Вселенската патријаршија, туку и за тоа каква јавна култура сака да негува самата Црква, потребна е јасна црковна позиција, јасно и без страв соопштена.

Ако нападите врз други архиереи се премолчуваат затоа што тие не се насочени кон тебе, тогаш тешко може да се очекува дека таквиот дискурс ќе запре кога ќе се најдеш на удар и ти. Ако јавната демонизација на Вартоломеј се прифаќа како безопасно изразување став, тогаш не треба да изненадува кога истата реторика ќе се насочи кон македонските архиереи кои се среќаваат со него.

МПЦ-ОА има право самостојно да ги определува своите црковни ставови и да води сопствена политика, без какво било вмешување на Белград, Москва, Атина, Фанар, но и без страв дека ако десет ботови на Фејсбук те нападнат, тоа ќе ти го наруши авторитетот. Владиците се тие кои треба сами да си го изградат сопствениот авторитет на темели на вистината, црковните канони и преданија и единството на црквата. Сопствената одговорност не може да ја префрлите врз анонимни профили, ниту може да дозволите стравот од реакциите на социјалните мрежи да стане неформален механизам за донесување одлуки.

Зашто кога црковните водачи не ја бранат границата меѓу критиката и омразата, таа граница почнува да ја поставува најгласната група. А кога еднаш ќе се прифати дека навредите се дозволено средство за влијание врз црковната политика, никој не може да биде сигурен дека утре токму тој нема да стане нивна мета.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img