По средбата со вселенскиот патријарх Вартоломеј во Рим, митрополитот дебарско-кичевски Георгиј ќе ја предводи делегацијата на МПЦ-ОА во Москва, на одбележувањето на 80-тиот роденден на рускиот патријарх Кирил. Изборот доаѓа во чувствителен период за односите меѓу Москва и Фанар, но и за прашањето за целосното заокружување на автокефалноста на МПЦ-ОА.
Како што анализира „Дневниот весник Вечер“, двата ангажмана на Георгиј во краток временски период отвораат прашања за неговата улога во надворешната црковна политика на МПЦ-ОА. Иако има најкраток митрополитски стаж меѓу архиереите, нешто повеќе од една година, тој добива задачи од особено значење за односите со двете највлијателни патријаршиски средишта во православието.
Синодот го определи токму Георгиј да ја предводи црковната делегација што на 20 ноември ќе присуствува на прославата на 80-тиот роденден на рускиот патријарх Кирил во Москва. Со тоа МПЦ-ОА испраќа порака дека сака да ги одржува односите со Руската православна црква, која ја признава нејзината автокефалност.
Во анализата на „Вечер“, црковниот аналитичар Цане Мојановски оценува дека изборот на Георгиј не е случаен. Тој ги посочува неговите долгогодишни блиски соработнички односи со архиепископот Стефан, претходното раководење со неговиот кабинет, како и дипломатското искуство во Ватикан и добрите односи со Католичката црква.
„МПЦ-ОА не е црква што може да избира меѓу Москва и Цариград, туку таа мора да го одржи својот статус и да ги искористи можностите за своја афирмација“, вели Мојановски за „Вечер“.
Тој смета дека комуникацијата со двете патријаршии може да придонесе за намалување на тензиите во православието, а средбата на Георгиј со Вартоломеј ја оценува како позитивен сигнал по долгогодишниот застој во разговорите за томосот.
Во меѓувреме, надворешните црковни односи досега беа во значителна мера поврзани со митрополитот преспанско-пелагониски Петар, кој минатата година ја посети Руската православна црква. Неговиот мандат во потесниот состав на Синодот во меѓувреме истече.

