За жал, ние ги отфрламе Христовиот јарем и бреме, паѓајќи во демонската замка да бараме само човечка правда и на тој начин влегуваме во демонскиот јарем и си го натоваруваме на себе бремето демонско – кои, на крај, се неподносливи за носење.
Пишува: Наум Струмички
Ајде да го толкуваме денешното евангелие од крајот кон почетокот.
Господ Исус Христос, вели: „земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши; зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно.”
Христовиот јарем е послушанието; бремето се волните и неволни страдања. Во неволните страдања спаѓа и начинот на кој ние внатрешно се справуваме, пред сѐ, со надворешните искушенија:
Што и да ни се случи, посебно лошо, го прифаќаме како дар Божји; Му благодариме на Бог за тоа; ја бараме, пред сѐ Божјата правда за нас, т.е. вината за слученото секогаш ја гледаме во себеси – бидејќи неслични со Христос; не покажуваме надворешно никому што ни се случува внатрешно – освен на духовниот отец; и продолжуваме со молитвата, т.е. да градиме личен однос со Бог, во новонастанатите услови; неизоставно вклучувајќи го во молитвата и оној што нѐ повредил.
Очигледно, Христовиот јарем и бреме се лудоста и соблазната на Крстот, но и утехата и радоста на Воскресението.
За жал, ние ги отфрламе Христовиот јарем и бреме, паѓајќи во демонската замка да бараме само човечка правда и на тој начин влегуваме во демонскиот јарем и си го натоваруваме на себе бремето демонско – кои, на крај, се неподносливи за носење.
Барањето на само човечка правда, го отвора влезот на демонската илузија во нашето срце, која пак, дополнително ни го замаглува умот, нѐ заслепува за духовната реалност и ни ги одзема силите за борба со демонот.
„Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“.
Очигледно не сте обременети и изморени доволно, штом не одите при Христос да ве успокои, штом не ги земате Христовите јарем и бреме на себе. Ако, терајте си, пак кај Него ќе стигнете, само во многу полоша состојба.
„Сѐ ми е предадено од Мојот Отец и никој не Го познава Синот, освен Отецот; ниту Отецот Го познава некој освен Синот, и кому што сака Синот да Го открие.“
А за чистата теологија, за предвечниот живот на Отецот и Синот и Светиот Дух, за Нивните лични својства и за Нивните меѓусебни односи, читајте кај Светите отци; нивното слово ќе внесе светлина во вашиот ум. Таа светлина ќе ви потврди дека, никој не може да дојде при Отецот, освен преку Воплотениот Син Божји – Богочовекот Исус Христос, по благодатта на Светиот Дух Господ.
Тоа, дека има многу и различни легитимни патишта кои водат до Бог и Отецот, е лага. Има многу и различни лични патишта што водат до Господ Исус Христос, но патот до Отецот, оди само преку заедницата со Синот. Христос, Кој Е единствена Глава на Своето Тело – Црквата, Е Пат, Вистина и Живот.

