Хиландар – Престолонаследникот на Србија Александар Караѓорѓевиќ, принцот наследник Филип и принцот Стефан, три генерации на српското кралско семејство, престојувале заедно во манастирот Хиландар на Света Гора, во посета која според кралското семејство претставува прва ваква посета во историјата на династијата.
Александар, Филип и Стефан пристигнале во Хиландар на 5 септември, каде што биле пречекани од игуменот Методиј и братството на манастирот. Во неделата, 6 септември, присуствувале на Светата Литургија, при што престолонаследникот Александар ја кажал молитвата „Оче наш“, а принцот Филип го кажал Символот на верата. Принцот Стефан учествувал во литургијата и следното утро, кога ја кажал молитвата „Оче наш“.
Посетата, како што објави СПЦ имала и свечен карактер. Престолонаследникот Александар го одликувал игуменот Методиј со Кралскиот орден на Караѓорѓевата ѕвезда во степен Голем офицер, односно втор степен на орденот.
Одликувањето му било врачено на игуменот пред братството на Хиландар, во синодикот на манастирот, просторија во која се наоѓаат портретите на кралевите Александар I и Петар II.
Кралското семејство потсетува дека во 2023 година, по повод 825-годишнината од основањето на Хиландар, манастирот бил одликуван со Кралскиот орден на Караѓорѓевата ѕвезда од прв степен. За време на оваа посета одликувањето било поставено пред иконата на Пресвета Богородица Троеручица.
„Денес во Хиландар заедно се три генерации на Кралското семејство. Но, не дојдовме овде да зборуваме за нас. Дојдовме да се поклониме пред она што е постаро, поголемо и потрајно од секој од нас“, рекол принцот наследник Филип.
Во своето обраќање, Филип зборувал за наследството, семејната одговорност и пренесувањето на традицијата од една на друга генерација, нагласувајќи дека улогата на Караѓорѓевиќи не ја гледа како привилегија, туку како должност кон народот, Црквата и српските светињи.
Игуменот Методиј, од своја страна, посетата ја оцени како голема духовна радост за братството. Тој истакнал дека Хиландар не само што ја чува српската историја, туку и денес станува место каде што се создаваат нови историски настани.
Според Кралскиот дом, Александар е четвртата личност на која Хиландар ѝ укажал чест со садење дрво, по цар Душан, кралот Александар Обреновиќ и кралот Петар I.

