Српскиот патријарх Порфирије на 12 септември во Љубљана се сретнал со словенечкиот премиер Јанез Јанша, при што меѓу темите било и местото на Српската православна црква во словенечкото општество.
На средбата, на која присуствувал и епископот буеносаирески и јужно-централноамерикански Кирило, администратор на Загрепско-љубљанската епархија, била разгледана улогата на СПЦ во Словенија, за која во соопштението се наведува дека од година во година е сè побројна.
Според информациите објавени од СПЦ, Порфирије и Јанша разговарале за потребата од јакнење на дијалогот меѓу државните институции и верските заедници, како и за почитувањето на слободата на вероисповед и правото на верските заедници слободно да ја остваруваат својата мисија.
„Меѓусебното почитување, разбирањето и културата на дијалогот се важни предуслови за зачувување на мирот и општествениот соживот“, се наведува во информацијата за средбата.
Порфирије, како што пренесува СПЦ, ја оценил Словенија како пример за успешна соработка и го издвоил одбележувањето на 90-годишнината од постоењето на српската православна црква „Свети Кирил и Методиј“ во Љубљана.
Средбата со Јанша доаѓа само два месеца откако словенечкото правосудство донесе пресуда во случај поврзан со Порфирије и поранешниот љубљански свештеник Жељко Лубарда.
На 10 јули, Окружниот суд во Љубљана му изрече на српскиот патријарх условна казна од четири месеци затвор со рок на проверка од една година, како и условна парична казна од 10.000 евра, во постапка поврзана со обвиненија за мобинг на работното место.
Случајот произлегува од повеќегодишниот спор меѓу поранешниот љубљански парох Жељко Лубарда и црковното раководство. Во одделна работно-социјална постапка, словенечките судови утврдиле дека Лубарда бил жртва на мобинг, а според објавените информации, во тој спор му била досудена и отштета од 13.000 евра.
СПЦ ја отфрли пресудата против Порфирије и ја оцени како скандалозна, тврдејќи дека постапката била проследена со сериозни процесни недостатоци и дека црковните власти имаат канонско право да одлучуваат за поставувањето и преместувањето на свештениците.

