Во Осло се одржа средба со раководството на Норвешкиот христијански совет, на која се разговарало за развојот на македонската православна заедница во Норвешка и за организирањето на верниците во македонската црковна општина.
Средбата била организирана од Македонското православно здружение „Преподобна Параскева Света Петка“ – Осло. На неа присуствувале генералниот секретар на Норвешкиот христијански совет, Хенрик Ерхард Хермансен, и неговиот заменик Хокон Сигланд.
Од македонска страна, на состанокот учествувале митрополитот Европски Пимен, директорот на Агенцијата за иселеништво, Горан Ангелов, протојереј-ставрофор Блажо Кожарски од Црковната општина во Малме и Александар Николовски, претставник на македонското православно здружение во Осло.
Според информациите објавени од организаторите, разговорите биле посветени на развојот на македонската православна заедница во Осло и на организираноста на верниците во црковната општина.
Што претставува Норвешкиот христијански совет?
Норвешкиот христијански совет, е национална екуменска организација основана во 1992 година. Станува збор за платформа која ги поврзува различните христијански цркви и верски заедници во Норвешка, со цел да поттикнува меѓуцрковна соработка, дијалог и заедничко дејствување.
Советот денес обединува 26 цркви и христијански верски заедници, како и пет приклучени организации. Меѓу неговите членки се Норвешката лутеранска црква, Католичката црква, баптистичките, методистичките и пентекосталните заедници, како и повеќе православни црковни заедници.
Организацијата, покрај меѓуцрковниот дијалог, работи и на прашања поврзани со верските слободи, човековите права, мирот и помирувањето, како и на застапување на заедничките интереси на црквите пред државните институции.

