Јоаникиј: Ѓукановиќ ни нудеше да се одвоиме од Белград, но тоа за нас не беше опција

Date:

Share post:

Митрополитот Црногорско-приморски Јоаникиј изјави дека поранешниот претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, своевремено им предлагал на претставниците на Митрополијата црногорско-приморска да се одвојат од Белград, нудејќи им да кажат што им е потребно за возврат. Тој нагласи дека таквата можност никогаш не била прифатлива за нив.

Во гостувањето на телевизијата РТВ Подгорица, Јоаникиј рече дека лично присуствувал кога Ѓукановиќ го изнел таквиот предлог.

„Одвојте се од Белград и кажете што ви треба“, пренесе митрополитот дел од понудата на тогашниот црногорски претседател.

Тој оцени дека поради ова е неосновано да се обвинуваат тој и покојниот митрополит Амфилохије дека се залагале за одвојување на Црквата во Црна Гора од Српската православна црква.

Јоаникиј нагласи дека врските на Митрополијата црногорско-приморска со Патријаршијата и СПЦ се цврсти, отфрлајќи ги тврдењата за црковен сепаратизам.

Осврнувајќи се на литиите организирани по усвојувањето на Законот за слобода на вероисповед кон крајот на 2019 година, митрополитот рече дека тие не биле политички проект, туку автентично духовно и народно движење, кое подоцна имало и политички последици.

Според него, литиите не биле организирани ниту од Белград, ниту од Брисел, ниту од Москва, туку произлегле од Црна Гора како реакција на тогашниот закон.

Јоаникиј ги отфрли и тврдењата дека тогашниот српски претседател Александар Вучиќ имал пресудна улога во организирањето на литиите или во спречувањето на евентуален сепаратизам во рамките на СПЦ во Црна Гора.

Таквите тврдења ги оцени како манипулација, додавајќи дека Вучиќ, со изнесувањето на тие тези, во многу нешта го потсетил на Ѓукановиќ.

За односите со патријархот Порфириј

Осврнувајќи се на односите со српскиот патријарх Порфириј, Јоаникиј рече дека се пријатели уште од студентските денови и дека меѓу нив постои голема доверба.

Тој нагласи дека различните мислења за одредени прашања не можат да го доведат во прашање неговиот однос кон патријархот, Патријаршијата и Српската православна црква.

Несогласувањата за одделни прашања, според него, се нормални во рамките на Светиот архијерејски собор на СПЦ и треба да се решаваат преку разговор.

Говорејќи за поранешниот Епископски совет на СПЦ во Црна Гора, Јоаникиј објасни дека неговото формирање не значело добивање поголеми овластувања за Црквата во Црна Гора, ниту претставувало чекор кон нејзино одвојување или идна автокефалност.

Како што рече, Советот бил формиран пред сè заради регулирање на односите меѓу Црквата и државата Црна Гора.

По потпишувањето на Темелниот договор меѓу Владата на Црна Гора и СПЦ, според Јоаникиј, нема потреба од дополнително усложнување на црковната администрација.

Тој нагласи дека СПЦ се залага за зачувување на своето единство, но и на историскиот статус на Митрополијата црногорско-приморска и другите епархии кои дејствуваат во Црна Гора.

Митрополитот ги отфрли и шпекулациите за можно издвојување на Бока Которска од составот на Митрополијата, наведувајќи дека таквите иницијативи доаѓале од политички кругови.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img