Патријархот Порфириј доби условна казна затвор од четири месеци СПЦ тврди дека станува збор за политички мотивиран процес

Date:

Share post:

Окружниот суд во Љубљана му изрече условна казна од четири месеци затвор на патријархот на Српската православна црква Порфириј, со рок  од една година, како и условна парична казна од 10.000 евра, исто така со рок  од една година. Пресудата е донесена во постапка поврзана со долгогодишниот спор меѓу поранешниот љубљански парох Жељко Лубарда и врвот на Српската православна црква.

По објавувањето на пресудата, Светиот архиерејски синод на Српската православна црква соопшти дека ги отфрла сите обвинувања, оценувајќи дека станува збор за политички мотивирана постапка насочена против СПЦ и нејзиниот поглавар.

Во соопштението се наведува дека случајот произлегува од, како што велат, „бесмислените тужби“ што со години ги поднесува расчинетиот свештеник Жељко Лубарда. Од СПЦ нагласуваат дека поставувањето и преместувањето на свештениците е исклучиво канонско право на надлежниот епископ.

Црквата тврди и дека ниту патријархот Порфириј, ниту неговиот полномошник не биле известени за покренувањето на постапката и дека не им била дадена можност да се изјаснат за обвинувањата, поради што смета дека судската постапка е спроведена со сериозни процесни пропусти.

Според соопштението, Светиот архиерејски синод го советувал патријархот да не поднесува приговор на пресудата и да не учествува во постапката.

Долгогодишен спор

Спорот меѓу Жељко Лубарда и врвот на Српската православна црква трае повеќе од десет години. Лубарда тврди дека, како законски застапник на Црковната општина Љубљана, по налог на тогашниот митрополит Јован Павловиќ поднел кривична пријава против тогашниот старешина на храмот Перан Бошковиќ поради сомневање за финансиски малверзации во црковната каса.

Бошковиќ во меѓувреме беше правосилно осуден за проневера на црковни средства.

Според Лубарда, по поднесувањето на пријавата бил изложен на притисоци да ја повлече и да го промени својот исказ во корист на Бошковиќ. Откако тоа го одбил, тврди дека бил изложен на повеќегодишен прогон во рамките на СПЦ, во кој, според него, клучна улога имал тогашниот митрополит загрепско-љубљански Порфириј.

Според документацијата во која увид имал порталот Nova.rs, Порфириј донел одлука Лубарда да биде преместен од Словенија во Хрватска, на парохија во Копривница. Лубарда го одбил преместувањето, наведувајќи дека тоа би значело преселување на неговото семејство во друга држава и дека таквата одлука не била во согласност со неговиот договор за работа во Словенија.

Потоа му било забрането свештенослужењето, а против него била поведена постапка пред Црковниот суд на Загрепско-љубљанската епархија поради непослушност кон надлежниот архијереј.

Црковниот суд го прогласил за виновен и му ја изрекол најтешката црковна казна – лишување од свештенички чин и враќање во редот на мирјаните. Одлуката подоцна била потврдена и од Големиот црковен суд на Српската православна црква во Белград.

Одлука и на словенечките судови

Во меѓувреме, Лубарда покренал постапка пред словенечките судови поради злоставување на работното место, тврдејќи дека неговото преместување претставувало одмазда поради учеството во кривичната постапка против Бошковиќ.

Судот за работни и социјални спорови во Словенија правосилно утврдил дека Лубарда бил жртва на злоставување на работното место, оценувајќи дека во текот на повеќе години бил изложен на психичко насилство, понижување и дискриминација.

Токму наодите од таа постапка биле основа за кривичната пријава, по што Окружното државно обвинителство во Љубљана подигнало обвинителен предлог против патријархот Порфириј и Црковната општина Љубљана поради злоставување на работното место.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img