Агатангел одбележа 130 години од егзархискиот храм „Св. Кирил и Методиј“ во Гевгелија

Date:

Share post:

Митрополитот Повардарски Агатангел отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Св. Кирил и Методиј“ во Гевгелија, по повод 130-годишнината од неговото постоење. На литургијата, на 18 октомври, во Дваесеттата недела по Педесетница, беа осветени и фрескоживописаните икони на Свети Нектариј Егински и Свети Серафим Саровски, поставени на резбани балдахини.

Храмот „Св. Кирил и Методиј“ е еден од историските верски објекти во Гевгелија. Изграден е во 1896 година, во времето кога црковните и просветните прашања во Македонија биле тесно поврзани со националните и политичките борби. Црквата била храм на егзархиската заедница во градот, а во нејзиниот двор функционирало и егзархиско основно училиште.

Историјата на храмот започнува уште во 1881 година, кога на истото место бил изграден помал параклис посветен на светите браќа Кирил и Методиј. Денешната црковна градба е подигната петнаесет години подоцна, а годината 1896 е забележана и на камената плоча на источниот ѕид, над олтарната апсида.

Црквата е значајна и по своето уметничко наследство. Нејзиниот иконостас е поврзан со работата на познатиот македонски зограф Димитар Андонов – Папрадишки, чии икони се дел од храмовото богатство.

„Нека молитвите и застапништвото на светите Божји угодници бидат со сите верни, а јубилејот на овој свет храм да биде поттик за уште поголема вера, љубов и единство во Христа“, се наведува во известувањето на Повардарската епархија.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img