Бугарскиот патријарх Даниил служеше Литургија во чест на српскиот крал Стефан Милутин, чии мошти се чуваат во Софија (ГАЛЕРИЈА)

Date:

Share post:

Бугарскиот патријарх и софиски митрополит Даниил служеше патријаршиска света Литургија во митрополитската катедрала „Света Недела“ во Софија, по повод празникот на светиот српски крал Стефан Урош II Милутин.

Храмот на 30 октомври го одбележува и својот втор храмов празник, посветен на српскиот средновековен владетел чии мошти се чуваат во оваа црква веќе околу 560 години. По Литургијата, според долгогодишната традиција, се извршува посебен чин на преоблекување на моштите, а празничната програма предвидува и литија со светите мошти низ центарот на Софија.

Токму присуството на моштите на српскиот крал во срцето на бугарската престолнина ѝ дава посебно значење на ова чествување. Катедралата „Света Недела“ е позната и под името „Свети Крал“, токму поради светите мошти што се чуваат во неа, во посебен кивот.

Од Косово до Софија

Стефан Урош II Милутин бил српски крал од 1282 до 1321 година, син на кралот Стефан Урош I и Елена Анжујска. Во црковната историја е запаметен како владетел и голем ктитор, кој подигнувал и обновувал цркви и манастири во Србија, но и во Ерусалим, Цариград и на Света Гора.

Неговите мошти првично се чувале во манастирот Бањска на Косово, каде што бил погребан по смртта во 1321 година. По Косовската битка во 1389 година биле пренесени во селото Тренча, а околу 1460 година, за време на чумна епидемија, митрополитот Стефан ги донел во околината на Софија. Подоцна биле пренесени во митрополитската катедрала „Света Недела“, каде што се чуваат и денес.

Така, еден од најзначајните владетели од српската средновековна историја станал дел и од духовното наследство на Софија. Неговите мошти со векови се почитуваат од православните верници во Бугарија и од поклониците кои доаѓаат од Србија.

Празникот на светиот крал Милутин во Бугарската православна црква се одбележува на 30 октомври, кога катедралата „Света Недела“ го слави својот втор храмов празник.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img