Со света архиерејска Литургија во Бигорскиот манастир беше одбележан празникот Отсекување на чесната глава на свети Јован Крстител, манастирската слава на светилиштето.
На празничната богослужба заедно сослужуваа митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј и епископот Антаниски Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, заедно со браќата свештенослужители од Обителта и свештеници од Скопје, Охрид и Дебар.
Бигорскиот манастир и годинава ја одбележа славата со големо молитвено собрание, по празничното бдение во текот на ноќта, во чии рамки беа извршени и монашките потстрижи на тројца монаси – Теодосиј, Харитон и Никифор.
На Литургијата присуствуваа бројни верници и поклоници, а богослужбата беше збогатена со пеењето на Бигорскиот хор и хорот „Свети Јован Кукузел“ од Тирана.
Во своето архипастирско слово, митрополитот Георгиј говореше за значењето на празникот и личноста на свети Јован Крстител, но посебно внимание посвети на монашкиот подвиг и на тројцата нови монаси кои во Бигорската Обител го започнаа својот нов живот.
Според митрополитот, монашењето не претставува само откажување од нешто, туку пред сè целосно принесување на животот на Христа. Монашкиот повик, како што посочи, е повик кон посветеност, послушание и духовен подвиг во кој човекот се стреми својот живот да го усогласи со Евангелието.
Георгиј им се обрати и на новите монаси Теодосиј, Харитон и Никифор, честитајќи им за нивниот избор и за стапувањето на монашкиот пат. Воедно, тој ја истакна духовната одговорност што ја носи монашкиот призив и значењето на нивната одлука да му го посветат својот живот на Бога.
Митрополитот упати благодарност и до епископот Партениј за поканата да учествува во празничното торжество, како и за неговата грижа за Бигорската Обител и за монашкото братство.
Посебно внимание Георгиј посвети на триесетгодишнината од монашењето на отец Доситеј, а благодарност упати и кон бигорскиот хор и кон хорот „Свети Јован Кукузел“ од Тирана за нивното учество во богослужбите.
Празничното торжество годинава во Бигорскиот манастир беше обележано со уште еден значаен настан за монашкото братство – првата празнична Литургија на која тројцата новопотстригани монаси Теодосиј, Харитон и Никифор служеа и присуствуваа во своите нови монашки одежди.
Тие до монашкиот потстриг ги носеа имињата Стефан, Владимир и Јован.
Со нивното монашење Бигорската Обител доби тројца нови монаси, кои по долг период на живот во братството и монашко воспитување, го направија чекорот кон целосно посветување на монашкиот живот.
Свети Јован Крстител, чиј лик со векови го чува Бигорското светилиште, останува пример на сведоштво за вистината и целосна посветеност на Божјата волја – пример што, според пораката упатена од митрополитот Георгиј, особено силно се однесува и на патот што го избраа тројцата нови монаси.





















