Славољубието како духовно самоубиство

Date:

Share post:

Интересно е што и луѓето дури и своето дружење го засноваат на своите страсти, најчесто на истите; но, понекогаш се случуваат и разни комбинации – во зависност од интересот, на пример: можат да се поврзат религиозно славољубие со световно славољубие; често се поврзуваат сластољубието (блуд) и среброљубието; но може, во случај на покајание и одредена страст да биде привлечена од спротивната добродетел. Но, разните комбинации од дружења, во зависност од интересот и од која страст се луѓето заробени или не се, е друга тема.

Пишува: Митрополит Струмички Наум

Во денешното евангелско четиво ни се открива кои се главните човечки страсти и какви се нивните основни меѓусебни влијанија во нас самите. Страст е разболена душевна сила, која преку покајание (преумување) и во содејство на благодатта Божја, треба да се преобрази во добродетел. Главна човекова страст е самољубието, која треба да ја преобразиме во Богољубие и човекољубие.

Во Ирод четворовласникот го препознаваме самољубието во сите три негови пројави: сластољубие, среброљубие и славољубие.

Славољубието е страст – за човечка власт и слава, на словесната сила на душата – умот. Страста на бесловесната сила на душата – волјата, е среброљубието. Додека, бесловесната сила на душата – желбата, страда од сластољубие. На пример, спротивно од овие страсти се трите монашки завети: послушание, сиромаштво и чистота.

Кај преподобен Јован Лествичник читаме дека човечките страсти често се судираат една со друга, односно една страст во соодветен момент ја потиснува другата. Така, и кај царот Ирод гледаме дека овие три страсти во исто време немаат ист интензитет и сила во него, и гледаме како, во соодветни моменти, посилната страст ја потиснува послабата.

Имено, во моментот кога ќерката на Иродијада игра и со својот танц го задоволува неговиот блуд (сластољубие), Ирод е подготвен да ѝ даде што и да посака, па, дури и до половина од царството што му припаѓа: „Барај од мене што сакаш и ќе ти дадам!“ И ѝ се заколна: „Што и да побараш од мене, ќе ти дадам, дури и половината од моето царство“. Значи, страста на сластољубието во тој момент ја потиснала страста на среброљубието во него.

Освен тоа, гледаме дека токму поради своето сластољубие Ирод го држи во затвор свети Јован, зашто овој го прекорува дека не смее да ја земе жената на брат му: „Зашто сам Ирод прати да го фатат Јован, го врза и го фрли во затвор, заради Иродијада, жената на брат му Филип, оти се ожени со неа. Бидејќи Јован му велеше на Ирод: ’Не ти е дозволено да ја водиш жената на твојот брат!‘“

И покрај сè, ниту сластољубието, ниту некакво среброљубие, го принудиле да го убие свети Јован, туку само да го држи затворен, иако и понатаму се плашел од него, па дури имал потреба да го слуша и што говори: „Оти Ирод се плашеше од Јован, знаејќи дека е тој човек праведен и свет, и го пазеше; многу работи вршеше од послушност кон него, и со пријатност го слушаше“.

Но, откако царот Ирод ѝ вети на девојката и ѝ го даде својот збор дека ќе ѝ даде сè што ќе посака, дури и половина од своето царство, таа, поучена од мајка си, ја бара главата на свети Јован Крстител: „И одеднаш, кога влезе при царот со брзина, помоли, говорејќи: ’Сакам уште сега да ми ја дадеш на табла главата на Јован Крстител!‘“

Иако се сневеселил поради тоа, сепак, гледаме дека неговото славољубие не му дозволува да го повлече зборот што го дал пред гостите: „Царот се загрижи, но поради клетвата и гостите свои нејќеше да откаже. И веднаш, откако испрати џелат, царот нареди да ја донесат главата негова. А тој отиде, му ја отсече главата во затворот и ја донесе на табла, па ѝ ја предаде на девојката, а девојката ја даде на мајка си. Учениците, пак, негови, кога разбраа, дојдоа и го зедоа телото негово и го погребаа“.

Очигледно, најмногу од сè Ирод држи до своето его, до својата гордост и високото мислење за самиот себе. Значи, неговото славољубие и гордост го убиваат свети Јован Крстител, односно конечно ја убиваат и можноста за покајанието во него самиот. Никој не може да му наштети на човек толку, колку што тој може на самиот себе.

Слично нему, и ние со своето среброљубие и сластољубие му штетиме на покајанието, но на тој начин што го држиме затворено и загушено некаде во нас. Но, со нашиот славољубив и горд ум го убиваме покајанието, кое ни е дадено како најголем дар во Христос Богочовекот, во Црквата.

Интересно е што и луѓето дури и своето дружење го засноваат на своите страсти, најчесто на истите; но, понекогаш се случуваат и разни комбинации – во зависност од интересот, на пример: можат да се поврзат религиозно славољубие со световно славољубие; често се поврзуваат сластољубието (блуд) и среброљубието; но може, во случај на покајание и одредена страст да биде привлечена од спротивната добродетел. Но, разните комбинации од дружења, во зависност од интересот и од која страст се луѓето заробени или не се, е друга тема.

Свети Јоване Претечо, Крстителу Христов, моли Го Бог да ни дарува делотворно покајание…!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img