Реликвија од раката на средновековниот руски владетел и светител Дмитриј Донски е испратена до руските воени единици во окупираниот дел на Донецката област. Руската православна црква вели дека целта е да се зајакнат моралот и „духовната издржливост“ на војниците, но потегот повторно го отвора прашањето за сè поотвореното користење на религијата и православните светилишта во поддршка на руската војна во Украина.
Станува збор за дел од десната рака на Дмитриј Донски, со која, според црковното соопштение, тој го држел мечот во битката кај Куликово во 1380 година. Реликвијата е поставена во украсен мал кивот, кој треба да биде изложен пред руските воени единици во близина на фронтот.
Самата симболика е јасна: средновековниот владетел, кој во руската историска традиција е претставуван како воин и победник над Златната Орда, денес е претставен пред руските војници како духовен покровител на нивната воена мисија.
Дмитриј Донски починал во 1389 година, а Руската православна црква го канонизирала во 1988 година. Во современа Русија неговиот лик сè почесто се користи во контекст на воениот патриотизам и националната идеологија. Неговите останки и саркофагот летово беа откриени за време на реставраторски работи во Архангелскиот собор во Московскиот Кремљ.
Испраќањето на неговата рака на фронтот, сепак, оди чекор подалеку од обичното почитување на светител. Реликвијата станува дел од воениот наратив, во кој религиозниот симбол се става непосредно во функција на моралот на војниците и оправдувањето на воената борба.
Ова не е изолиран случај. Руската православна црква и претходно преземаше активности со кои директно ја поврзува црковната мисија со воените цели на државата – од испраќање свештеници на фронтот и организирање молитви за руска победа, до различни церемонии и активности со икони поврзани со воените единици.
Токму оваа појава е предмет на критики и меѓу православни интелектуалци. Свештеникот и историчар Александар Занемонец, во анализа за Carnegie Russia Eurasia Center, укажува дека Руската црква постојано бара нови начини да ја демонстрира својата поддршка за руските воени напори.
Со испраќањето на реликвијата на фронтот, границата меѓу религиозното и военото станува уште понејасна. Светителот, неговата рака и споменот на средновековната битка се претвораат во симболи со кои треба да се охрабруваат современи војници во војната против Украина.
Особена тежина има и изборот на Донецк, област која е меѓу најтешко погодените и најмилитаризираните делови од војната, а која Русија еднострано ја прогласи за анектирана иако не воспостави целосна контрола врз неа.
Така, православната реликвија наместо да биде симбол на молитва, покајание и духовен живот, станува дел од една државно-црковна воена симболика. А токму тука се наметнува едно од најсериозните прашања: до каде може да оди соработката меѓу Црквата и државата кога религијата и светителите се ставаат во функција на воените цели?

