Митрополитот Европски г. Пимен денеска го прославува својот именден – празникот на Преподобниот Пимен Велики, во чиј спомен Светата Црква молитвено го одбележува 9 септември. По тој повод, во храмот на Македонската православна црковна општина „Свети Никола“ во Мајнц, Германија, беше отслужена Света Архиерејска Литургија.
Со Литургијата чиноначалствуваше митрополитот Пимен, во сослужение со повеќе свештенослужители од Европската епархија, во присуство на верниот македонски православен народ.
По повод именденот, верниците му упатија честитки на митрополитот Пимен, со молитви за здравје, духовна сила, мудрост и крепост во неговото архипастирско служење.
Во честитките од свештенството, клирот и верниот народ на Европската епархија се посочува дека Преподобниот Пимен Велики, како небесен заштитник на митрополитот, да го закрилува и раководи во неговото служење, а Господ да му дарува здравје и сила за да ги надминува предизвиците и да продолжи да го води Божјиот народ.
„На многу и благословени години, Владико“, му порачаа верниците на митрополитот Пимен.
Митрополитот Пимен по повод својот именден се огласи и на својот профил на „Фејсбук“, каде што сподели лична порака посветена на празникот и на Преподобниот Пимен Велики.
„По молитвите на светиот авва Пимен мина и Пименден“, напиша митрополитот, посочувајќи дека во Македонија овој ден и светител се помалку познати поради ретката употреба на името Пимен.
Тој додава дека од година во година добива сè поголем број именденски честитки и дека се радува што сè повеќе верници го запознаваат Преподобниот Пимен Велики, кого го нарекува „голем авва“ кој со своите мудри поуки го задолжил христијанскиот свет.
„Еден ден да застанеме таму рамо до рамо со великиот авва и со сите светии кои од памтивек Му угодиле на Бога“, напиша митрополитот Пимен, завршувајќи ја пораката со молитва за сите заедно да се радуваат на Божјата Светлина пред престолот на Света Троица.






