Македонската заедница во Австралија го одбележа 8 Септември – Денот на независноста на Македонија, со свечен прием во Амбасадата на Македонија во Канбера. На одбележувањето присуствуваа и свештеници и претставници на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, како и претставници на македонските православни црковни општини.
На приемот беа присутни претставници на Австралиско-сиднејската епархија, македонски здруженија и организации, како и членови на македонската заедница од повеќе делови на Австралија.
Особено внимание привлече присуството на новоименуваниот македонски амбасадор во Австралија, Стојанче Китаноски, за кого ова беше прво одбележување на Денот на независноста во Австралија во својство на амбасадор.
Претставниците на македонските православни црковни општини го истакнаа значењето на МПЦ-ОА во духовниот и националниот живот на Македонците во Австралија.
Македонските православни храмови на австралискиот континент, покрај духовната мисија, со децении се места каде се негуваат македонскиот јазик, традицијата, културата и врската со татковината.
-Настанот претставуваше можност за заедничко чествување на еден од најзначајните датуми во поновата македонска историја, но и за потврдување на силната поврзаност на иселениците со својата татковина. Присуството на претставници од различни македонски организации и црковни општини уште еднаш покажа дека верата, јазикот, културата и националното паметење остануваат цврста основа врз која се гради единството на Македонците во Австралија, велат од Австралиско-сиднејската епархија.
Одбележувањето во Канбера помина во свечена атмосфера, со пораки за единство и зачувување на националното и културното наследство на Македонците во Австралија.








